Шахистите на Алкалоид за малку не успеаја да се искачат на пиедесталот на Европскиот клупски Куп во Улцињ – Црна Гора.

Во меѓусебниот меч во последното коло, екипата на Алкалоид загуби од новиот европски првак Обиетиво Рисарчименто Падова од Италија со 2,5:3,5. Со седум победи од седум меча, Италијанците се нови европски прваци, а Алкалоид со два порази е четврти во Европа.

На првите три табли Мамедјаров, Андреикин и Шанкланд, како и Криворучко на петата ремизираа. Инаркиев на четвртата табла не ја материјализираше минималната предност и исто така ремизираше. Ковалев на шестата табла ја загуби својата партија и во вака израмнет меч, тоа беше партијата која ја направи разликата.

Алкалоид заврши на четвртото место со десет бодови, а велемајсторот Мамедјаров со три победи и две реми освои златен медал за најдобар личен резултат на првата табла.