Шара – македонскиот дијамант на чекор до прогласување во национален парк

296

Во оваа пригода министерот разговараше со планинарски водачи, сопственици на локален етно-ресторан, сопственици на бачила и понудувачи на алтернативни форми на туризам, како фрирајдинг скијање и јавање коњи. – Туристичкиот сектор го поддржува процесот и претставниците што учествуваа на теренската посета сметаат дека идниот национален парк ќе донесе уште повеќе туристи за нивната дејност, велат од Министерството за животна средина

Законот за прогласување на Шар Планина во национален парк е на самиот праг на изгласување во Собранието на РСМ. Во рамки на промотивните активности за подигање на јавната свест за важноста од заштита на природните вредности на идниот национален парк, како и за придобивките и потенцијалите за социоекономски развој на подрачјето, организирана беше медиумска теренска посета на која се приклучи и министерот за животна средина Насер Нуредини.

Во оваа прилика министерот разговараше со планинарски водачи, сопственици на локален етно-ресторан, сопственици на бачила и понудувачи на алтернативни форми на туризам, како фрирајдинг скијање и јавање коњи.

– Туристичкиот сектор го поддржува процесот и претставниците што учествуваа на теренската посета сметаат дека идниот национален парк ќе донесе уште повеќе туристи за нивната дејност – велат од Министерството за животна средина.

Министерот Нуредини и во оваа пригода потсети дека локалното население може да има само позитивни ефекти од прогласувањето на паркот и истакна дека во процесот на изработка на менаџмент планот ќе биде земено предвид мислењето на луѓето што ќе живеат во границите на националниот парк.

Пред дваесетина дена Нуредини на голем број дипломати од земјава со своите семејства и претставници на меѓународни организации, им покажа дел од убавините на идниот национален парк Шар Планина. Тие заедно пеш отидоа до  планинарскиот дом „Љуботен“, изграден во 1931 година и во таа пригода тој нагласи дека Шара е делот што ни недостасува во мрежата на заштитени подрачја.

– Со овој настан уште еднаш потсетуваме дека ова наше природно богатство мораме да го заштитиме, за да го зачуваме, и да обезбедиме одржлива врска меѓу природата, посетителите и локалните заедници што живеат на Шара – изјави Нуредини по планинарењето.

Шефот на Мисијата ОБСЕ во Скопје, амбасадорот Клеменс Која изрази  задоволство што се наближува денот кога планинскиот масив ќе биде прогласен за национален парк и се надева дека ќе биде на начин со кој ќе се заштити природата и оригиналноста на ова место.

Германската амбасадорка во земјава, Анке Холштајн, изрази задоволство од посетата на оваа, како што рече, извонредна природа, недопрена убавина, која треба да се заштити.

– Луѓето мораат да разберат дека оваа земја е нивна, треба да ги едуцираат децата да се грижат за неа, во насока да се зачува за наредните генерации. Тоа подразбира да не се загадува. Ние навистина се грижиме за земјата за следните генерации, ова луѓето треба да го разберат и ние сме среќни да помогнеме околу тоа.  Мило ми е што е помогнато тука на планината со цел да се привлечат повеќе луѓе кои ќе се однесуваат соодветно и ќе ја почитуваат животната средина – истакна германската амбасадорка Холштајн.

Евроамбасадорот Дејвид Гир порача дека ова место треба да биде заштитено.

– Во време на предизвиците на нашето време поради климатски промени, деклинација на природа и уништувањето на природната разновидност, посебно сум среќен што сум денес тука кога го одбележуваме Денот на биолошката разновидност на Шар Планина, извонредно место со биолошка разноликост, место кое треба да биде заштитено не само за нас туку за иднините генерации – истакна Гир.

Швајцарската амбасадорка Сибил Зутер Техада беше презадоволна од врвот Љуботен.

– Се надевам дека што повеќе луѓе ќе ја користат. Мислам дека треба да го промовирате што повеќе овој дијамант што го имате во вашата земја повеќе во иднина. Швајцарија е посветена на заштита на природната средина и помогнавме да се обнови планинарскиот дом Љуботен, горда сум што видов сега – потенцираше швајцарската амбасадорка Техада.

Италијанскиот амбасадор во земјава, Андреа Силвестри, потенцира дека во Италија има многу национални паркови и претставува одлична можност на тој начин да се заштити природната средина и во исто време да се обезбедат можности за развој за многу луѓе.

– За помалку од една година сум била можеби десет пати во планинарскиот дом Љуботен, до врвот Љуботен, до многу други различни делови на Шар Планина, за зимско планинарење, пешачење, скијање и се надевам дека сите жители на Северна Македонија ќе ја откријат оваа убавина и дека треба да го чуваме ова прекрасно место заедно. Мојата земја Шведска е многу внимателна со животната средина и се надевам дека ова ќе може да го направиме заедно. Шведска дава придонес туку преку поддршка со наша програма за развој и се надевам дека Шар Планина ќе биде прогласена за национален парк – изјави Кристин Форгсен Бенгстон, амбасадорка на Шведска.

Британска амбасадорка Рејчел Галовеј рече дека е среќна што живее во Македонија и покрај пандемијата, викендите успеала да ги помине на Шара и Бистра и да ги искористи сите можности што се нудат тука.

(С.Бл.)