Чучер-Сандево и Македонска Каменица имаат повеќе независни кандидати од метрополата

423

Две припаднички на понежниот пол официјално влегуваат во трката за првата фотелја во метрополата. Данела Арсовска и Ана Петровска, како независни кандидатки за функцијата градоначалник на град Скопје, потребните потписи за кандидатура ги собраа пред истекот на крајниот рок. Поголем интерес за градоначалничката фотелја од главниот град, има во општината Чучер-Сандево, каде независни кандидатури поднеле дури тројца кандидати – Горан Рајчевски,  Горан Чекаловиќ и Јован Пејовски. Потребните потписи до истекот на крајниот рок, вечерва на полноќ, ги собира и Максим Димитриевски, кој во последен момент се откажа од можноста за партиска поддршка од СДСМ и донесе одлука да биде независен кандидат за градоначалник на Куманово. Двајца независни кандидати, освен партиските, ќе има и во Македонска Каменица каде потребните потписи ги собраа Перо Митревски и Миран Митревски, а како независен ќе се обиде и Дејан Велиновски, кој засега сè уште е во процедура за собирање потписи.

Независна кандидатура за Прилеп со потребните потписи поднесе адвокатот Жарко Стеваноски, а во градоначалничката трка за Илинден, овој пат како независен кандидат влегува и поранешниот градоначалник Жика Стојановски. Зоран Лазаровски-Паљо и на овие избори ќе биде независен кандидат за градоначалник на општина Битола.

Од Државната изборна Комисија информираа дека еден ден пред истекот на крајниот рок, односно до неделата навечер, потребните потписи ги собрале 21 независен кандидат, како и 42 групи избирачи за советнички листи.

Еден ден пред истекот на рокот потребните потписите за листи на кандидати за членови на совет на општините собрале групи избирачи и тоа шест листи за Чучер-Сандево, четири листи за Охрид и три листи за општинскиот совет во Македонски Брод.

(Ј.Ц.Г.)