„Чудна случка со кучето во ноќта“ на Зоја Бузалковска премиерно во Драмски театар

213

Приказната во претставата е сместена во Свиндон и Лондон и се однесува на 15-годишниот Кристофер Џон Френсис Бун, математички гениј, кој има неспецифицирано нарушување од аутистичен спектар. „Она што ‘Чудна случка со кучето во ноќта’ ја прави возбудлив материјал за работа е темата што ја отвора овој текст. Тоа е светот на Кристофер, светот на ‘посебниот’, ‘различниот’, ‘отфрлениот’, ‘исмеаниот’, ‘потценетиот’. Во време во кое многу општества, па така и нашето, се борат за инклузија на луѓето со посебни потреби, да се работи еден ваков актуелен материјал се чини исклучително важно“, посочува режисерката Зоја Бузалковска

„Чудна случка со кучето во ноќта“ во режија на Зоја Бузалковска е новата претстава која премиерно ќе се изведе вечерва (29 декември) со почеток во 20 часот во Драмскиот театар-Скопје.

Драмскиот текст „Чудна случка со кучето во ноќта“ со оригинален наслов „The Curious Incident of the Dog in the Night-Time“ од Сајмон Стивенс е всушност адаптација на популарниот, истоимен роман на Марк Хадон од 2003 година. Адаптацијата е напишана во 2012 година и со успех изведена прво во Националниот театар во Лондон. Инаку, романот има освоено 17 престижни награди, меѓу кои и „Whitebread Award“.

Како што посочува режисерката Зоја Бузалковска во својата експликација, приказната е сместена во Свиндон и Лондон и се однесува на 15-годишниот Кристофер Џон Френсис Бун, математички гениј, кој има неспецифицирано нарушување од аутистичен спектар.

„Кристофер треба да разреши една мистерија – кој го убил соседското куче со вила за што е тој осомничен, па условно ослободен. Сакајќи да открие кој го убил Велингтон и одејќи спротивно на желбите и заповедите на татко му, Кристофер започнува истрага за убиството на кучето, поставувајќи му прашања и запишувајќи ги своите постапки и сознанија во книга. Кристофер има Аспагер синдром (кој припаѓа на фамилијата аутистични нарушувања) и никогаш претходно самиот не отишол подалеку од крајот на улицата, но детективската работа го носи во опасно патување кое го распаѓа целиот негов дотогаш познат свет. Космосот на оној кој ‘не може да лаже’ (што е во дефиницијата на неговата состојба) е тектонски изместен од сознанието дека е жртва на лагите на родителот, најблиските, единствената вистинска потпора, изворот на доверба и сигурност“, појаснува Бузалковска.

Како што додава таа, драмскиот текст претставува комбинација на односи и агли, од гледна точка на самиот Кристофер Бун, но и сите оние кои доаѓаат во допир со неговата книга или се дел од неа – неговата професорка, неговиот татко, неговата мајка… Резултатот е драма – во – драма.

„Она што ‘Чудна случка со кучето во ноќта’ ја прави возбудлив материјал за работа е темата што ја отвора овој текст. Тоа е светот на Кристофер, светот на ‘посебниот’, ‘различниот’, ‘отфрлениот’, ‘исмеаниот’, ‘потценетиот’. Во време во кое многу општества, па така и нашето, се борат за инклузија на луѓето со посебни потреби, да се работи еден ваков актуелен материјал се чини исклучително важно. Во таа смисла, претставата ќе има и едукативно – воспитна функција и ќе може да ја одреди за една од своите целни групи и младата тинејџерска публика. Од друга страна, пак, жанрот на црната комедија и на моменти сурово остриот, иако бескрајно духовит, јазик, ја носат пред сè во вечерните термини и ја усложнуваат нејзината улога“, додава режисерката.

Улогите во претставата ги толкуваат актерите Дамјан Цветановски, Трајанка Илиева Вељиќ – Таци, Александар Степанулески, Емилија Мицевска Трајковиќ, Соња Стамболџиоска, Јасмина Василева, Филип Трајковиќ, Стефан Вујисиќ, Златко Митрески и Нела Павловска.

Драматург е Александра Бошковска, сценограф Константин Трпеноски, костимографијата е на Елена Вангеловска и Раде Василев, кореографија и free running техниката на Симон Симоновски, а Давид Ангелевски за претставата креираше авторска музика.