Чорба од целер со кнедли

204

Ако уште го немате воведено во вашата кујна, почнете веднаш со оваа вкусна и ароматична чорба со полн вкус на целер.

Целерот се вбројува во растенијата кои имаат голема полза за човечкиот организам благодарение на способноста да го прочистува организмот од токсините. Богат е и со прехранбени влакна, па токму затоа и помага за намалување на гасовите во стомакот.Во Јапонија практикуваат еден ден во неделата да се јаде само целер во секаква форма.

Може да се консумира во секаква форма –  свеж, варен во супи, варива, може да се похува, да се пржи. Може да се залева со кисело млеко или јогурт, а одличен е потпечен со павлака и сирење.

 

 

Потребно е:

  • 1 поголем корен од целер
  • 1,5 л пилешка супа (може и вода)
  • 50 г путер
  • 1 поголем компир

за запршката:

  • 100 г путер
  • 40 г бело брашно

за кнедлите:

  • 2 белки
  • 40 г брашно
  • 2 жолчки
  • малку сок од лимон
  • сол, бел бибер
  • мелено морско оревче

Подготовка:

– Коренот од целер измијте го убаво, излупете го, исечете го на помали коцки и пропржете го на 50 г путер.
– Сипете 1,5 л пилешка супа (или вода). Во супата ставете и еден компир исецкан на коцки.
– Кога ќе омекнат целерот и компирите испасирајте ги и вратете ги во супата.
– Направете запршка од 100 г путер и 40 г брашно. Запршката треба да остане бела. Полека сипете ја во супата со постојано мешање.
– Преминете на подготовка на кнедлите. Изматете ги во цврст шлаг двете белки. Додадете 40 г брашно и убаво измешајте. Со лажиче земајте од смесата и спуштајте ги кнедлите во врелата супа.
– Изматете ги жолчките и полека додадете ги во супата со постојано мешање. Во супата сипете и малку сок од лимон. Зачинете со сол, бел бибер и морско оревче, по вкус.