Јоргос Папаниколау е роден во Кими, на грчкиот остров Евиа, во близина на јужниот град Каристос, попознат по древниот доктор Диокле кога го нарекувале втор Хипократ.

Можеби токму  поради „почвата“ на која се родил или поради тоа што татко му Николаос бил лекар, животниот пат ќе го постави на пиедесталот во светската медицина.

Основно образование стекнал во Атина, завршил студии од хуманистика и музика, потоа образованието го продолжил на Медицинскиот факултет, а имал и докторат од зоологија.

Со голема желба да истражува во полето на медицината, заминал со сопругата Андромахи во САД.

На почеток, без знаење на англискиот јазик,  работел различни работи. Првата работа му била продавач на теписи, потоа свирел виолина по рестораните, бил чиновник во весниците на грчки јазик, а сопругата работела како шивачка.

За среќа, релативно бргу добива работа во струката, како асистент во одделението за патологија во болницата во Њујорк.

Од 1923 година интензивно се занимава со испитувачка работа и по неколку години првпат ја има претставено својата теорија. Тестот на Папаниколау е метод на микроскопски преглед со брис  во гинеколошко испитување со цел рано откривање на канцерогени промени во клетките на грлото на матката кои претходат на рак.

Дури по неколку десетици години медицината успеала да го препознае значењето на неговиот тест и почнала да го применува во пракса. Тестот е наречен по него Папаниколау или скратено папа-тест. Благодарение на ова откритие стапката на појава на ракот на грлото на матката во Северна Америка се намали за 70 отсто, додека пак животите на милион жени низ светот се продолжени.

Иако живеел и умрел во Америка, Грците го сметаат за еден од нивните најпознати претставници. Портретот на Папаниколау беше на предната страница на грчката банкнота во износ од 10.000 драхми во периодот од 1995 до 2001 година, сè додека не се замени драхмата во евро.