Република Северна Македонија го слави Денот на НАТО со полно право како 30-та земја членка на Алијансата – најмоќниот воен сојуз во светот изграден и заснован на највисоките цивилизациски и демократски вредности, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски на одбележувањето на Денот на НАТО, 4 Април. Тој додаде дека сега ни се потребни процеси на интеграција во ЕУ, бидејќи прашањето на проширувањето веќе е и геостратешко и безбедносно прашање.

„Процесот на интеграција во НАТО-алијансата беше долг, но сега, во криза, гледаме колку значи да се биде земја чија безбедност се гарантира од страна на најголемиот безбедносен и одбранбен сојуз. Продолжуваме мотивирано и одлучно кон остварување на втората наша стратешка цел – членство во ЕУ. Ја имаме целосната поддршка од САД и од нашите европски партнери и високо ги цениме пораките за забрзување на отворањето на пристапните преговори со ЕУ“, изјави Ковачевски.

Членството во НАТО беше една од нашите клучни стратешки цели уште од независноста, а за пристапувањето беа потребни тешки одлуки и длабински реформи, напиша претседателот Стево Пендаровски на Фејсбук.

„Процесот на пристапување во Алијансата беше долг, беа потребни тешки одлуки и длабински реформи во нашата Армија и безбедносниот сектор, но денес, кога меѓународниот поредок е во опасност, ја разбираме важноста од членството во НАТО. Членството во Алијансата јасно ја исцртува и нашата долгорочна ориентација за почитување на вредностите кои ги споделуваме со евроатлантската заедница: слободата, демократијата и владеењето на правото, како предуслови за успешен развој“, посочи Пендаровски.

Министерката за одбрана Славјанка Петровска во обраќањето на Денот на НАТО порача  „ние сме НАТО, а Денот на НАТО е и наш ден, ние сме на праведната страна на историјата. Цврсто веруваме во принципот на Алијансата: еден за сите – сите за еден“.

„Не дозволивме фрустрацијата од чекалната во НАТО да нè поколеба. За сето време, демонстриравме капацитет и историска мудрост, но не ја загубивме и амбицијата да бидеме уште подобри дури и кога го минавме прагот на НАТО. Денес, повторно сме соочени со предизвици, со немилосрдна војна. Оваа криза покажува колку е непредвидлив светот во кој живееме и колку е важно да имаме сојузници“, подвлече министерката.

Членството на нашата држава во Алијансата е особено значајно за регионалната безбедност и стабилност, особено во контекст на актуелните безбедносни предизвици, истакна министерот за надворешни работи Бујар Османи на вчерашниот прием во МНР по повод Денот на НАТО. Тој ги истакна придобивките од членството на земјава во Алијансата, оценувајќи го како историски успех и најзначајно надворешно-политичко постигнување.

„Алијансата е поддржувач на евроатлантска ориентација на нашиот регион, посветена на безбедноста и стабилноста на земјите од Западен Балкан, регион од стратегиско значење на НАТО, со кој има долга историја на соработка и спроведување на операции, кои го овозможија мирот и стабилноста. Вонредната ситуација на европскиот континент покажува дека проширувањето на ЕУ е првенствено безбедносна политика и затоа во оваа пригода упатуваме уште еден силен апел до Унијата за проактивен пристап и забрзување на евроинтегративните процеси на земјите од Западен Балкан, што е од суштински интерес за зачувување на безбедноста на Европа“, потенцираше Османи.

Во пресрет на Денот на НАТО, 4 Април, зградата на Министерството за одбрана беше осветлена во бојата на Алијансата.

(И.С.)