Членови на КУД „Гоце Делчев“ од Делчево настапија на фестивалот „Шарена Стомна“ во Бугарија

66

Културно-уметничкото друштво „Гоце Делчев“ од Делчево настапи на Меѓународниот фолклорен фестивал на танцови клубови „Шарена Стомна“, кој се одржува во Добриниште, Општина Банско, Република Бугарија. Кореографот Зенил Реџепов, информираше дека станува збор за фестивал на кој учесниците го презентираат фолклорното богатство на балканските народи.

-Особена чест е да се биде дел од овој фестивал на кој настапија музички фолклорни состави кои го покажаа својот талент во фолклорно надигрување. Фестивалот има една единствена цел, а тоа е да ги запознае гостите и учесниците, со фолклорот на балканските народи, како и да создаде нови пријателства, истакна Реџепов.

Во рамки на настанот КУД „Гоце Делчев“, како што додаде Реџепов, зеле учество и на Форум симпозиум кој се одржува како дел од фестивалот.

-Ова е само еден од фестивалите на кој настапуваме летово. Годинава поканети сме на повеќе фестивали во Турција, Србија и повторно во Бугарија, така што како Културно-уметничко друштво ќе имаме повеќе настапи ширум Балканот, додаде Реџепов.

Годинава КУД „Гоце Делчев“ ќе биде домаќин на Меѓународниот фестивал „Делчево Фест“ во чии рамки придружна манифестација во функција на туристичка понуда на регионот е Пијанечко-малешевската свадба.