Отворањето на Меѓународниот филмски фестивал „Киненова“ е на 7 октомври во киното „Милениум“, во 20 часот, со хрватскиот филм „Чичко“ на Давид Капац и Андрија Мардешиќ, а со Мики Манојловиќ и Горан Богдан во главните ролји. Унгарската режисерка Илдико Енједи, наградена со „Златна мечка“, пак, е годинашен добитник на Наградата за особен придонес во филмската уметност на фестивалот „Киненова“

Под слоганот „Првиот остава трага“, годинава од 7 до 14 октомври ќе се одржи 7. издание на Меѓународниот филмски фестивал „Киненова“. Посветен на дебитанските, први и втори филмови на авторите, фестивалот својата програма ќе ја прикаже во Киното „Милениум“ и во Кинотеката на Македонија, но и годинава поголем дел од остварувањата на „Киненова“ ќе можат да ги види и пошироката јавност преку телевизиските екрани.

„Октомври традиционално станува месец на „Киненова“. По кризата претходните две години, и ситуацијата со ковидот која влијаеше на филмските продукции, оваа година се враќаме на вистински колосек. Добивме фантастични остварувања кои, на некој начин, го коментираат сето она што ни се случува денес на општествен и политички план или „новиот светски поредок“, меѓутоа секогаш внимаваме и на малиот човек, на малите приказни бидејќи токму тие ги детерминираат случувањата што понатаму се одвиваат како општествени процеси во државите низ светот“, рече на денешната прес-конференција Игор Анѓелков, селектор на фестивалот „Киненова“.

На „Киненова“ годинава осум филмови се во официјалната селекција, а кои ќе се натпреваруваат за фестивалските награди. Филм на отворање е хрватското остварување „Чичко“, кој годинава својата светска премиера ја имаше на Филмскиот фестивал во Карлови Вари каде што ја доби Специјалната награда од жирито, а хрватската на Пулскиот фестивал ова лето. Филмот по сценарио и во режија на Давид Капац и Андрија Мардешиќ, со Мики Манојловиќ и Горан Богдан во главните ролји.

Приказната во филмот ја прикажува Југославија, во доцните 80-ти години на минатиот век. Семејството го пречекува својот омилен чичко, кој за божиќните празници се враќа од Германија. Повторно собраното семејство ужива во празничниот ручек, а дружбата за момент ја прекинува ѕвонењето на паметниот телефон. Набргу станува јасно дека не се работи за 80-тите години, а се чини и дека не се работи за Божиќ. Освен свечено испечената мисирка, изгледа дека со ножот може да се пресече и напнатоста во воздухот. Феноменално превртен филм од Балканот кој ретко се гледа…

Покрај овој филм, во официјалната селекција на фестивалот ќе се прикажат и полскиот „Тивка земја“ на Ага Вошинска, документарецот „Криенка-миженка“ на Викторија Фиоре од Италија, потоа романските „Сина месечина“ на Алина Григоре и „Беспрекорен“ на Моника Стан и Георге Кипер, српскиот „Херои на работничката класа“ на Милош Пушиќ, турскиот „Анадолски леопард“ на Емре Кајиш, како и косовскиот „Во потрага по Венера“ на Норика Сефа.

„За годинашните награди во официјалната, но и во селекцијата за краткометражни остварувања, ќе одлучува интернационалното жири во состав Аида Бегиќ (БиХ), Паво Маринковиќ (Хрватска), Елеонора Венинова (Македонија), Симоне Стараче (Италија), и претседателката Илдико Енједи, наградуваната унгарска режисерка, добитничка на „Златната мечка“ на Берлиналето во 2017. Токму режисерката Илдико Енједи е годинашен добитник на Наградата за особен придонес во филмската уметност на фестивалот ‘Киненова’. Таа ќе одржи и мастерклас за публиката, споделувајќи ги нејзините филмски искуства за снимањето на победникот на Берлиналето, филмот ‘За тело и душа’“, истакна директорот на Фестивалот, Небојша Јовановиќ.

Инаку, на фестивалот во рамки на програмата „Режисер во фокус“, ќе се прикажат и три филма на австриски филмски режисер и сценарист Михаел Ханеке, поточно неговите први три „Седмиот континент“, „Видеото на Бени“ и „Смешни игри“ за да може помладата генерација на филмофили да се запознае што претставувал Ханеке од почетокот на неговата кариера. Покрај оваа програма на фестивалот ќе има фокус и на португалската и на ирската кинематографија, каде што ќе се прикаже документарецот „100 години од Улис“.

Во рамки, пак, на краткометражната селекција, која е втора натпреварувачка програма на фестивалот, ќе се прикажат 14 остварувања од цел свет. На „Киненова“ ќе се прикажат и два кратки македонски филмови на двајца млади автори. (Н.И.Т.)