Чешки лекари породиле жена која 117 дена била во мозочна смрт

126

Чешки лекари породиле жена која 117 дена била во мозочна смрт, и со царски рез е родено бебе тешко 2,13 килограми и долго 42 сантиметри, со што е поставен нов светски рекорд во таа постапка, објави универзитетската болница во Брно во понеделникот.

Жената во април, со хеликоптер била донесена во болница во несвесна состојба.
Била во 15-тата недела од бременоста кога претрпела тежок мозочен удар.
Нејзините изгледи за преживување биле многу мали, а малку поголеми биле шансите на фетусот кој го носела, пренесуваат светските информативни агенции.

Меѓутоа, на 15 август, против сите прогнози, со царски рез е родено бебе тешко 2.13 килограми и долго 42 сантиметри, со што е поставен нов рекорд во таа постапка, потврди универзитетската болница во Брно.

Лекарите ја одржувале жената во живот 117 дена, што е постапка полна со потенцијални компликации, веројатно рекорд за најдолго вештачки одржувана бременост на мајка чиј мозок е мртов.

На мајката, чиј идентитет не е откриен, лекарите и утврдиле мозочна смрт откако била донесена во болницата и веднаш почнале да се борат за спас на бебето. Жената, која била на возраст од 27 години, ја ставиле на апарати за вештачко одржување во живот за да ја зачуваат нејзината бременост, па дури и редовно ѝ ги поместувале нозете како стимулација на одење за да го помогнат растот на бебето.

По пораѓањето во 34-тата гестациска недела, во присуство на сопругот и останатите членови на семејството, лекарите го прекинале системот за одржување во живот и ѝ дозволиле да почине.

„Тоа навистина беше исклучителен случај кога целото семејство се држеше заедно. Без нивна поддршка никогаш немаше да се заврши на овој начин“, изјави за новинарите Павел Вентруба, шефот на гинекологија во болницата.