Чешкиот претседател предупреди на нови поделби во Европа и апелираше на зајакнување на единството

23

Чешкиот претседател, Петр Павел, денеска предупреди на нови поделби во Европа поради војната на Русија против Украина.

– Земјите од централна и источна Европа одиграа многу активна улога во поддршката на Украина и стекнаа чувство на самодоверба, рече Павел на заедничката прес-конференција со неговиот германски колега Франк-Валтер Штајнмаер во Берлин.

Како што рече, би било „жално доколку влезат во конкуренција со таканаречената традиционална Западна Европа“ и дека е неопходно дополнително да се зајакне единството на Европа.

Павел нагласи дека е неопходно посилно единство меѓу земјите на ЕУ не само за да се спротивставиме на руските планови, туку и на влијанието на Кина.

Тој додаде дека Германија, најголемата европска економија, треба да преземе поголема одговорност за безбедноста и одбраната на Европа.

Штајнмаер рече дека Германија, заедно со своите европски партнери, ќе продолжи да дава силна поддршка за Украина.

– Со нападот на Украина, Русија го уништи мировниот поредок во Европа. Русија брутално го прекрши меѓународното право, рече германскиот претседател.

Тој додаде дека разговарал со Павел за најновите случувања и начините за обезбедување дополнителна поддршка на Украина за одбрана од Русија.

– ЕУ и НАТО се решени да ја продолжат својата финансиска, економска, хуманитарна и воена помош за Украина, потенцираше Штајнмаер.

Германија долго време води дипломатија и се залагаше за енергетска соработка со Русија, но ја промени својата политика во февруари минатата година, по рускиот воен напад врз Украина.

По неколкумесечниот притисок од САД и сојузниците во Источна Европа, владата на канцеларот Олаф Шолц, исто така, се согласи да и достави на Украина тешко оружје, вклучително и противвоздушни пушки „Гепард“ и борбени тенкови „Леопард“.