Четири дрвја ќе се отстранат за изградба на градинката во Пролет

52

Општина Центар наскоро ќе започне со изградба на првата детска градинка во населба Пролет, на вкупна бруто површина од 3.276 квадратни метри. Како што најавуваат од општината, градинката е предвидено да биде една од најголемите детски градинки во државата.

За таа цел, во наредните денови ЈП „Паркови и зеленило“ по налог на општината ќе отстрани четири дрва, со кои ќе се ослободи простор и ќе се овозможи изградба на градинката. Дополнително, со помош на специјална механизација, ќе бидат пресадени уште четири јасени во парцелата на која ќе се гради градинката.

– На местото на отстранетите дрва, Општина Центар ќе засади нови 20 високо калемени садници од видот Јавор (Acer campestre) и друг вид на средно и ниско зеленило кое на просторот околу објектот на градинката ќе му даде нова свежина и нов лик. По завршувањето на градежните активности поврзани со новата градинка, ќе се добие зелена површина на околу 2.000 квадратни метри, со што општината ќе заштити животната средина, а овој простор ќе стане ново зелено катче во населбата Пролет – соопштуваат од општината.

Оттаму истакнуваат дека децата од оваа населба ќе добијат нов, современ и квалитетен објект.