Четириесет млади лица со оштетен вид уживаа на лизгалки

257

Четириесет млади лица со оштетен вид од Македонија, Косово, Романија и Турција се опфатени со проектот „Инклузивно лизгање на мраз за сите“, чија цел е социјалната инклузија на младите лица со попреченост.

Проектот кој го спроведува Мрежата за доживотно учење од Тетово, со финансиска поддршка од страна на Националната агенција за европски образовни програми и Мобилност од Скопје, почнал на 10 јануари и ќе трае се до 17 јануари.

Теоретскиот дел од активностите се спроведува во Државен училиштен центар за образование и рехабилитација Партенија Зографски – Скопје, додека практичниот дел кој се однесува на лизгање на мраз се спроведе вчера, но и денеска на лизгалиштето при СРЦ „Борис Трајковски“ во Скопје.

Сретен Коцески од Мрежата за доживотно учење истакна дека овие лица имаат можност теоретски и практично да научат вештини кои ќе им овозможат да бидат активни чинители, да бидат дел од секојдневието, заедно и со нивните врсници кои ги немаат тие предизвици.

– Гледаме дека уживаат. За голем дел од нив ова е првпат да застанат на лизгалки на мраз. Навистина е инспиративно и мотивациски и понатаму да се работи – рече тој.