Четвртиот пакет мерки тежок 350 милиони евра вклучува поддршка за најпогодените сектори и категории на граѓани

243

Четвртиот пакет економски мерки тежок 350 милиони евра е продолжение на претходните три пакети и е сублимирање на анализите направени преку консултациите со сите засегнати чинители во општеството, со цел опфатот во овој пакет да биде насочен кон поддршка и помош на најпогодените сектори и категории на граѓани, појасни вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи на денешната вотра седница на Економско-социјалниот совет (ЕСС) во Владата.

-Четвртиот пакет економски мерки опфаќа поддршка за исплата на плати за последниот квартал на годината, платежни картички за одредени категории на граѓани на кои помошта им е најпотребна, грантови за најпогодените сектори, намалување или укинување на парафискални давачки, зголемување на грејс периодот кај бескаматните кредити од КОВИД 1 и  дополнително одложување на отплата на кредитите од компаниите, рече Битиќи при презентирањето на мерките од четвртиот пакет мерки за поддршка на компаниите и граѓаните креирани со цел ублажување на последиците од пандемијата со КОВИД-19.

Од страна на членовите на Економско-социјалниот совет, информираат од владината прес-служба, беше констатирано дека четвртиот пакет економски мерки е доста обемен, со оглед на тоа дека се опфатени и компаниите со цел поддршка за нивни опстанок во време на корона пандемијата, задржување на работните места и поддршка на граѓаните и дека вклучува поддршка и помош за најпогодените сектори и категории на граѓани.

Економско-социјалниот совет денеска ја одржа својата втора седница предводена од министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска како претседателка, заменик-претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, министерот за финансии, Фатмир Бесими и останатите членови на ЕСС.