Четврта трансплантација на срце во Македонија – органите на 44-годишна жена нова шанса за тројца пациенти!

432

НА СКОПСКИОТ КЛИНИЧКИ ЦЕНТАР ВО ЕДЕН ДЕН НАПРАВЕНИ ТРИ ТРАНСПЛАНТАЦИИ  Како што информираат од Министерството за здравство, пациент со тешка кардиоваскуларна болест доби шанса за нов живот, во неговите гради почна да чука срцето на 44-годишна жена, на која вчера ѝ е дијагностицирана мозочна смрт.
Во текот на денешниот ден, на Клиниката за урологија, беа направени и двете трансплантации на бубрег од починат донор. Двајца пациенти, на возраст од 30 и 23 години, кои подолго време се на дијализа, добија бубрег од истата жена чиј живот згасна

Срцето на 44-годишната пациентка, чие семејство несебично реши да ги донира органите, од утрово почна да чука во градите на пациент кој со години боледува од тешка кардиоваскуларна болест. Пациентот доби шанса за нов живот, тој е во стабилна состојба и закрепнува по операцијата. Во следните неколку дена неговата ситуација ќе биде под контрола, бидејќи постои ризик телото да не го прифати новиот орган. Во оваа сложена интервенција учествуваа медицински тимови од неколку скопски клиники.

Министерот за здравство Венко Филипче информира дека донор е пациентка која претрпела мозочна смрт.

-Велиме браво за семејството за несебичниот гест бидејќи со хуманоста спасија три животи и подарија надеж за подобар живот на неколку пациенти. Благодарност до нејзиниот сопруг, нејзините деца и најблиското семејство. Тие покажаа што значи хуманост во најтешки моменти – напиша министерот Филипче.

Во подготовката на овие сложени интервенции заеднички учествуваа околу стотина лекари, медицински сестри и болничари и покажаа како беспрекорно функционира здравствениот систем.

Министерот за здравство информира дека во трансплантацијата на срце учествуваа тимови од Државната кардиохирургија, предводени од проф. Сашко Јовев, и од приватната болница Жан Митрев, предводени од академик Митрев, како и анестезиолозите од КАРИЛ на чело со д-р Маја Мојсова, Националниот координатор за трансплантација.

-Благодарност до колегите од сите клиники кои цела ноќ работеа заедно со неверојатна посветеност. Здравствените работници се пример за тимска работа и соработка. За само една година имаме четири трансплантации што е неверојатен успех за македонското здравство – пишува министерот Филипче.

Министерот се заблагодари и на болничките координатори од КАРИЛ и Неврохирургија, кои ги водат пациентите во мозочна смрт, и разговараат со семејството за можноста за донирање на органите, во тие најчувствителни моменти.

Во текот на денешниот ден на Клиниката за урологија се направија и двете трансплантации на бубрег од починат донор. Двајца пациенти, на возраст од 30 и 23 години, кои подолго време се на дијализа, добија бубрег од 44-годишната пациентка на која завчера и дијагностицирана со мозочна смрт.

Министерот за здравство Венко Филипче искажува благодарност до тимовите за експлантација и трансплантација од Клиниката за Урологија предводени од д-р Сашо Дохчев и д-р Сотир Ставридис, кои 20 часа ги работеа интервенциите во операционите сали. Во подготовката на младите пациенти да ги примат органите учествуваше и медицинскиот персонал од Клиниката за нефрологија и Клиниката за трансфузиологија.

– Во исчекување сме на следната трансплантација на коски и коскени ткива -напиша Филипче на својот ФБ-профил.

Трансплантацијата на органи е тимска работа и во неа учествуваат преку десет клиники и околу стотина лекари, медицински сестри и болничари во координација со Министерството за здравство и Националниот координатор за трансплантација д-р Маја Мојсова-Мијовска. Во изминатата една година во земјава се направени пет трансплантации од починат донор и притоа се трансплантирани четири срца и 10 бубрези. Направена е и прва експлантација и трансплантација на коски и коскени ткива.

Првата трансплантација на срце во земјава се случи точно пред една година, лани во мај. Во еден ден тројца македонски пациенти добија нови органи. За првпат во историјата на македонската медицина тим на кардиохирурзи изведоа трансплантација на срце од починат донор. Семејството на 43-годишна, Емилија Динева, што го загуби животот во сообраќајка несреќа, одлучи да спаси животи, донирајќи ги и нејзиното срце и нејзините бубрези.

Во април годинава, пак, се направи втората трансплантација. Донор беше младата Верица Белчовска, која исто така загина во сообраќајна несреќа. Исто така беше направена трансплантација и на бубрезите, но и на коските.

Тим на медицински експерти, на 30 мај испишаа уште една страница во историјата на македонското здравство. Успешно заврши третата трансплантација на срце во земјава од почината 40-годишна дарителка, чие семејство дозволи да бидат пресадени и нејзините бубрези. Срцето на починатата дарителка почна да чука кај 32-годишна пациентка по петчасовна сложена операција.

(В.Ма.)