Честитка за Велигден од МД „Илинден“ и МАЕИ

30

Македонското друштво „Илинден“-Тирана и партијата Македонска алијанса за европска интеграција, упатија честитка по повод верскиот празник Велигден до поглаварот на МПЦ – ОА г.г. Стефан и до православните верници. 

– Имам чест од име на македонското национално малцинство во Албанија преку друштвото “Илинден”-Тирана да ја упатам оваа велигденска честитка до Вашето блаженство, до Синодот на нашата македонска Архиепископија, сите митрополии, епископии и епархии, до свештенството и до сите православни верници во Македонија за најголемиот и најзначаен празник Христовото воскресение и Ви посакам честит и благословен Велигден, благосостојба на нашата татковина Македонија и радост во срцата на сите Македонци во земјата, регионот и во светот, стои во честитката на друштвото и претседателот Никола Ѓурѓај. 

Воедно на г.г. Стефан му го честита роденденот, кој овој пат се совпаѓа со Велигден, со молитва „за добро здравје и долговечно да ја водите нашата света македонска апостолска црква“. 

Честитка по повод Велигден упати и партијата на Македонците, Македонска алијанса за европска интеграција со желби за здравје, спокој и благосостојба. 

– Чествувањето на Празникот над празниците, Христовото воскрсение Велигден е дел од нашето духовно и национално богатство,кој по вторпат го одбележуваме во многу поразлични услови од до сега. Ви посакуваме и во вакви околности достојно празнување на овој светол ден, кој е темел на нашата вера и не учи на заедништво, да си помагате еден со друг и да го почитувате семејството и блиските и да ја имате силата која ви ја дава верата. Христос Воскресна, навистина Воскресна! Нека е честит и за многу години!, пишува во честитката на МАЕИ.

Извор: МИА