Чекајќи документи ќе ви помине летото, МВР вели може да се патува со истечен пасош!

237

Термини за аплицирање за вадење нови патни документи во скоро време нема ни за лек. Доколку се јавите во кол-центарот на телефонскиот број 072/92-92-92 од мобилен телефон или на 0800 192 92 само од фиксен телефон за да закажете за термин, некој од операторите ќе ве информира по брза постапка прв термин за аплицирање и сликање за пасош е 6 јули, во редовна постапка, првиот термин е 5 август. – Лични карти и патни исправи од сите типови има во доволен број и се одговара на сите барања на граѓаните, кои се во енормно зголемен број, поради тоа што граѓаните во претходниот период не ги обновувале документите од причина што, поради ковид-кризата, границите беа затворени, велат од МВР.

Оттаму смируваат дека нема простор за паника за оние кои нема да можат навреме да ги обноват пасошите, бидејќи од 1 јули ќе може да се патува и со истечен пасош по 31 јули 2020 година. Важноста на истечените пасоши ќе биде до 31 декември, а МВР се обврза да ги извести сите земји во светот, што би им овозможило на македонските државјани слободен премин на границите. Поранешниот министер Павле Трајанов вели никој не може да им гарантира на граѓаните дека без проблем ќе можат да патуваат со истечена важност на пасошот

Термини за аплицирање за вадење нови патни документи во скоро време нема ни за лек. Доколку се јавите во кол-центарот на телефонскиот број 072/92-92-92 од мобилен телефон или на 0800 192 92 само од фиксен телефон за да закажете за термин, ќе се изнаслушате музика од другата страна на слушалката, или пак, телефонската секретарка ќе ве информира дека треба да почекате бидејќи сите оператори се зафатени. И откако по половина час чекање на телефон ќе ви се јави некој од операторите, ќе добиете информација дека по брза постапка прв термин за аплицирање и сликање за пасош е 6 јули, во редовна постапка, првиот термин е 5 август.

Навалица за аплицирање за пасоши секоја година има пред почетокот на летната сезона, но овој пат е поизразена поради укинувањето на рестрикциите воведени поради Ковид-19, па граѓаните масовно поитаа да ги обноват истечените патни исправи со поминат рок пред заминување на одмор.

Од МВР за весникот ВЕЧЕР велат дека дневно пристигнуваат и по 4 илјади барања за нови исправи од кои околу 3 илјади се преку кол-центарот и околу илјада преку веб страницата на МВР. Најголем број од барањата се за пасоши.

– Лични карти и патни исправи од сите типови има во доволен број и се одговара на сите барања на граѓаните, кои се во енормно зголемен број, поради тоа што граѓаните во претходниот период не ги обновувале документите од причина што, поради ковид-кризата, границите беа затворени. Со цел побрза услуга на граѓаните, продолжено е работното време и воведено е и работење во викенд – велат од МВР.

Во периодот од 11 до 15 јуни кога имаше неколкудневниот застој за надградба на системот во Скопје, МВР повторно ги отвори шалтерите за вадење на документи за граѓаните. Велат дека се работи со полна пареа за да им излезат во пресрет на барањата на граѓаните.

– Притоа, подолг е периодот за добивање термин за аплицирање само во Скопје, додека во останатите градови закажувањето е тековно – велат од МВР.

Оттаму смируваат дека нема простор за паника за оние кои нема да можат навреме да ги обноват пасошите, бидејќи од 1 јули ќе може да се патува и со истечен пасош по 31 јули 2020 година. Важноста на истечените пасоши ќе биде до 31 декември, а МВР се обврза да ги извести сите земји во светот, што би им овозможило на македонските државјани слободен премин на границите.

Граѓаните сепак, настојуваат да им бидат издадени нови пасоши бидејќи не сакаат да се доведат во ситуација да бидат вратени во земјата со документ во раце со истечен рок, или пак, туристичките агенции да не прифатат да организираат патувања за лицата кои немаат валиден пасош, па на тој начин да им пропадне одморот што го планирале во странство. И поранешниот министер, Павле Трајанов вели никој не може да им гарантира на граѓаните дека без проблем ќе можат да патуваат со истечена важност на пасошот.

Од МВР нагласуваат дека мал застој има само во издавањето на одреден тип на возачки дозволи, но деновиве се очекува да пристигне пратка со обрасци, со што ќе се надмине и овој застој.

Сепак, и натаму останува проблемот со издавање на регистарски таблички за автомобили. Единствен начин легално да се управува ново возило е сопственикот да извади пробни таблички кои траат 5 дена, но тие може да се извадат најмногу двапати.

Сите оние што купиле нови автомобили, или сакаат да ги заменат регистарските таблички ќе мора во наредниов период да ги почекаат тековните испораки на сите видови на обрасци од регистарски таблички за кои се прават поединечни договори за нарачка.

– МВР веќе ја информираше јавноста дека имавме мал застој во издавањето на регистарски таблички поради истечениот договор со претходниот економски оператор, но проблемот е веќе решен. МВР во меѓувреме спроведе нова постапка и согласно отворената рамковна спогодба за набавка на регистарски таблички за моторни возила, по спроведената електронска аукција, како и по истекот на законските рокови за поднесување на жалба на 17.06.2021, склучена е Рамковна спогодба со економскиот оператор Квантум Скопје. Со тоа се решава застојот во издавањето на табличките. Со ова очекуваме целосно нормализирање на состојбата со издавање на таблички во периодот што следува – нагласуваат од МВР.

(С.Бл. – А.П.)