Каталонскиот фудбалски гигант, екипата на Барселона, од понеделник ги започнува подготовките за новата сезона, а веќе почнаа да „летаат“ првите глави.

Раководството на клубот им порача на четворицата играчи дека не мора да доаѓаат на почетокот, туку дека имаат уште една недела за да најдат нов клуб, објави „Мундо Депортиво“.

Реномираниот шпански весник, кој има „уво“ во сите шпански гиганти, наведува дека тоа се однесува на Оскар Мингеза, Самуел Умтити, Рики Пуиг и на Мартин Брајтвајт. Последниот има повеќе слободни денови поради играњето за Данска, па така нов ангажман би барал по репрезентативните обврски.

Тренерот Чави веќе им порача дека нема да смета на нив. Се верува дека ниту еден играч нема да му прави проблеми на каталонскиот клуб, бидејќи и онака не добиваа голема минутажа, а воедно ја празнеа касата на тимот.

„Мундо Депортиво“ истакнува дека заминувањето на четворицата на турнејата низ САД може да ги отежне преговорите со потенцијалните нови клубови.

Да потсетиме, се чини дека Френки де Јонг ќе ја напушти Барселона и ќе замине во Манчестер јунајтед. Од друга страна, веќе со недели трае големата трансфер-сага за доаѓањето на Роберт Левандовски, кого Баерн не сака да го пушти за помала сума од 50 милиони евра.