Цунами изјава, афтер шок на социјалните мрежи

133

Изјавата на премиерот Зоран Заев дека нема да дозволи неколку криминалци, суетен новинар и еден педер да ја срушат Владата ја разбранува јавноста. Врие од незадоволство на Фејсбук и на Твитер, а граѓаните коментираат дека токму ваквите изјави може скапо да ја чинат актуелната власт. Осуди стигнаа и од новинарските здруженија и од невладините организации кои се залагаат за правата на геј заедницата.

„Нема да дозволам неколку криминалци, еден суетен новинар и, да ме извини ЛГБТ заедницата, еден педер, да ја симнат оваа влада од власт! Не! Ќе се бориме до крај затоа што секој кој се инволвирал секако ќе си носи одговорност“, изјави премиерот Зоран Заев.

Извршната директорка на Хелсиншкиот комитет Уранија Пировска за изјавата на премиерот коментираше:

Гнасно по многу основи! Толку од прифаќањето на различностите и нивното почитување!“ „НЕ, Зоран Заев, ЛГБТИ заедницата нема да ти прости!

Од Националната мрежа против хомофобија и трансфобија во кој членуваат 20-ина организации велат дека да се биде педер во Северна Македонија значи да се живее со ограничена слобода. Го повикаа премиерот да се извини како што стои во сооштението, по уште понавредливите оправдувања и да продолжи со унапредувањата на правата на геј заедницата.

„ЛГБТИ заедницата во Вас и во Вашата партија гледаше и сѐ уште гледа сојузник. Не можеме да негираме дека во однос на правата на ЛГБТИ луѓето се остварија клучни чекори: донесувањето на Законот за спречување и заштита од дискриминација, преземањето на финансирањето на ХИВ-програмата, измени на Кривичниот закон во делот за делата од омраза, организирање на првата Парада на гордоста…“

Премиерот Заев, пак, по изјавата на Твитер и се извини на геј заедницата.

„ЛГБТИ заедницата ја има мојата голема почит. Затоа, пред да го употребам зборот „педер“ упатив извинување. Тој збор го употребив за да дадам карактерна особина, а не да означам сексуална припадност. Извинување за ЛГБТИ луѓето. Ќе се борам за нивните права, како и досега.“

За изјавата на премиерот реагираа и новинарските здруженија. Од Здружението на новинари коментираат дека ваквиот агресивен говор кон новинарите од страна на претседателот на Владата, според ЗНМ, може да поттикне насилство кон новинарите…“

Со осуда за изјавата излегоа и од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

„Новинарите се гласот на граѓаните и не смее да подлегнат на притисоците и заканите на аболицираниот криминалец. Цензурата е срам за која било земја…“, велат од опозицијата

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, пак, побара премиерот да се воздржи од, како што оцени, дискредитирање, етикетирање и дискриминирање.

Во интервју за МИА премиерот Зоран Заев и вчера изрази жалење ако, како што вели, од некого бил погрешно разбран или протолкуван.

Нема да дозволиме на непријателите на нашата земја да им успее планот преку користење на криминалци, манипулатори и измамници да го спречат успехот на земјава, членството во НАТО и почетокот на преговорите со ЕУ, вели премиерот Зоран Заев, во интервјуто, а по големиот број реакции на неговата изјава дека нема да дозволи „криминалци, еден суетен новинар и еден педер да ја турнат Владата“.

„И јас и Владата, цврсто стоиме во одбрана на слободата на изразувањето, слободата на медиумите и во одбрана на човековите права на сите индивидуи во нашата земја. Владата цврсто стои на својата определба за недискриминација и за почитување на различностите на сите заедници во земјата, вклучително и ЛГБТИ заедницата“, вели Заев во интервјуто.