Црн рид од 1,5 милион тони згура кај Топилницата ја загадува почвата

172

Почвата во Велес и по вршењето на деконтаминацијата со растенија фиторемедијатори сè уште е загадена со тешки метали, покажале лабораториските анализи на стручњаците од ЈЗУ „Центар за јавно здравје“ од Велес.

Почвата и натаму ја загадува ридот со згура што се наоѓа во близина на Топилницата. Затоа еколошките здруженија бараат дислокација на оваа згура и координација со земјоделците, eкспертите, невладините организации и надлежните локални и државни институции за да се усвои стратегијата за деконтаминација на почва и да се примени во Законот за почви.

Еколозите од еколошкото друштво „Вила Зора“ во рамките на проектот „Да ја заштитиме почвата“, финансиран од УСАИД, вршеле деконтаминација на загадената почва во Велес и околината со засадување маслодајна репка, како фиторемедијатор во периодот 2018/2019, а потоа преку лабораториски анализи на почвата од страна на стручњаци од ЈЗУ Центар за јавно здравје од Велес утврдиле дека и по деконтаминацијата во почвата сè уште е присутно загадувањето со тешки метали.

Како што појасни Ненад Коциќ од ЕД „Вила Зора“ за МИА, тоа се должи на сè уште присутниот 1,5 милион тони црн рид со згура од тешки метали веднаш до Топилницата, кој и натаму врши континуирано загадување со тешки метали на почвата во и околу Велес.

Тој посочи дека најкритично е во реонот на Башино Село, кај Комплекс УЗУС и Речани. Затоа, за решавање на проблемот, потребна е дислокација на згурата. Коциќ најави дека ќе прекинат со процесот на фиторемедијација сè додека тука е лоцирана згурата со тешки метали.

Дека згурата е и натаму загадувач на почвата, вели, доказ е податокот дека иако еден земјоделец од Речани на четири декари целосно ја заменил почвата со нова чиста од друг регион, само по една година и таа била контаминирана.

– Откако ќе се дислоцира згурата, ќе се продолжи со деконтаминација на почвата и со други растенија – фиторемедијатори што се поотпорни на суша, како сончогледот, но и други поотпорни култури што треба да помогнат да се исчисти загадената и потоа на чиста почва да се садат градинарски култури што најмногу се одгледуваат во овој реон – изјави Коциќ.

Проф. д-р Трајче Стафилов од Институтот за хемија при ПМФ на УКИМ во Скопје и долгогодишен истражувач на загаденоста на почвите со тешки метали во Велес и во земјава, на презентацијата на проектот потсети на десетте таканаречени еколошки жешки точки во земјава, а меѓу кои, по скопски ОХИС, на второто место е депонијата со згура од тешки метали од велешката Топилница.

– Загадувањето на почвите доведува и до загадување на храната, така што загадувањето на зеленчукот што се произведува на тој простор е контаминирано, особено со кадмиум и олово. Така кај земените примероци од 40 зеленчуци на земјоделски површини во непосредна близина на Велес, концентрациите на кадмиум биле и над 20 пати, а на олово од два до 10 пати над дозволените интервентни вредности. На цинкот концентрациите не се ограничени, појасни Стафилов.

Тој алармира до надлежните за горливиот проблем со почвите во Велес и земјава, а кои, според неговите анализи од теренот, се многу загадени и побара што поскоро освен еколозите, да го решаваат надлежните државни институции.