Црногорците должат три милијарди евра

141

Долгот на граѓаните на Црна Гора, кој ги опфаќа кредитите на населението, на претприемачите и кредитните картички изнесува 1,3 милијарди евра, додека кредитите на стопанството, на Владата и одобрените пласмани кај банките вредат 1,6 милијарди, соопшти Централната банка на Црна Гора.
Тоа значи дека вкупните долгови на црногорското стопанство и население изнесуваат 2,9 милијарди евра.
Граѓаните, како што наведуваат во Централната банка, најмногу кредити подигнале во Подгоричка банка, некогашна Сосиете Женерал Монтенегро, во вредност од 236 милиони евра.
Следат Ерсте банка со одобрени 223,7 милиони, НЛБ со 218,1 милион и Црногорска комерцијална банка со 191 милион евра одобрени кредити.
-Најголема сума на кредити на правни лица одобриле ЦКБ – 349,6 милиони евра, Хипотекарна банка – 184,1 милион, Подгоричка – 183,9 милиони, Ерсте банка – 178,8 и НЛБ – 155,1 милион евра, прецизираат во ЦБЦГ.
Како што додаваат, во однос на крајот на минатата година и според податоците за 13 банки во системот, кредитите на граѓаните бележат раст од 76,7 милиони евра, односно 6,24 отсто, додека кредитите за правни лица се зголемени за 132,6 милиони евра, поточно за 8,78 отсто.
Кога станува збор за просечно долгување на граѓаните по картички, тоа изнесува 581 евро, додека просечното задолжување по тековни сметки е 331,5 евра.
Според последните податоци од 30 јуни, вкупниот долг по основ на дозволен минус и кредитни картички на граѓаните изнесува 35,5 милиона евра, пишува „Дневне новине”, пренесува Танјуг.