Црногорската Влада го задолжила премиерот Кривокапиќ да стави потпис на Темелниот договор со СПЦ

62

Подгоричкиот портал „IN4S“ денеска објави фотографија од Заклучок на црногорската Влада, што, меѓу другото, го обврзува актуелниот премиер Здравко Кривокапиќ да го потпише Темелниот договор со Српската православна црква.

Во заклучокот се наведува дека Владата е запознаена со преговорите со Српската православна црква за Темелниот договор и дека нема, како што се наведува, причина било каква пречка за негово потпишување.

Во петтата точка од Заклучокот се наведува дека министрите се обврзале да не го објавуваат предлог-договорот се додека конечно не се постигне договорот со Српската православна црква.

Заклучокот е усвоен на владината седница на 26 јануари, за што претходно беше дадено соопштение, а следниот ден во речиси сите црногорски медиуми беше објавен нацрт документот,  што црногорската Влада го доставила до СПЦ.

Претходно договорениот Темелен договор меѓу Владата на Црна Гора и Српската православна црква требаше да биде потпишан на крајот на мај минатата година, но премиерот Кривокапиќ тогаш го одби со образложение дека треба да се усогласи со црногорскиот Устав и предложи тој документ да биде потпишан на 30 октомври, на денот на упокојувањето на митрополитот г. Амфилохије.

Премиерот Кривокапиќ во синоќешното интервју за ТВЦГ кажа дека Темелниот договор со СПЦ е изготвен, но дека не верува дека тој ќе биде негов потписник.

Инсистирањето и подготвеноста на Кривокапиќ што поскоро да го потпише Темелниот договор со Српската православна црква, кога се ближи гласањето за недоверба на неговата влада, на 4 февруари, предизвика негативни реакции во црногорската јавност.

Пратеникот на Либералната партија Андрија Поповиќ претходно денеска изјави дека доколку Кривокапиќ го потпише Договорот, либералите ќе го сметаат, како што рече, за предавство на државните национални интереси.

Поповиќ тврди дека Нацрт-темелниот договор, објавен вчера во медиумите, најмалку во седум од 20-те точки не е во согласност со Уставот на Црна Гора.

Инаку, потпишувањето на Основниот договор со Српската православна црква е еден од приоритетите на малцинската влада, чие формирање го најави лидерот на ГП УРА, Дритан Абазовиќ, за Црна Гора да се извлече од неколкумесечната  политичка и институционална криза.

Абазовиќ во средата вечерта имаше приватна средба со српскиот патријарх Порфириј во Белград.

И Владимир Јоковиќ , лидер на СНП и пратеник на парламентарното мнозинство кое го поддржува формирањето на малцинската влада предложена од Абазовиќ, за белградската телевизија Н1 изјави дека денеска ќе се сретне со патријархот Порфириј.