Црвено или зелено за уставни измени?!

Два дена пред средбата, премиерот Димитар Ковачевски е убеден дека партиите ќе дадат поддршка во носењето на брзи и квалитетни одлуки во Собранието. Поголем дел од лидерите на партиите, застапени во парламентот, го прифатија повикот на премиерот да разговараат за прашањата за кои треба консензус. На средба во Собранието ќе оди и лидерот на најголемата опозициска партија Христијан Мицкоски. Темата за уставни измени според него е затворено прашање, бидејќи без јасни гаранции дека ова ќе биде последно условување од Софија, опозициската партија нема да поддржи внесување на Бугарите во Уставот. Албанскиот политички блок  на маса ќе седне со барањето да се укине формулацијата 20% во делот кој се однесува на  албанскиот јазик

68

Ќе успее ли Димитар Ковачевски да ги убеди парламентарните партии да го притиснат зеленото копче за уставните измени ќе биде појасно утре. Поголем дел од лидерите на партиите застапени во парламентот го прифатија повикот на премиерот да разговараат за прашањата за кои треба консензус. По три дена размислување, повикот го прифати и лидерот на најголемата опозициска партија, Христијан Мицкоски. Ќе оди на средба, но потенцира дека заедно со останатите политички лидери треба да разговараат за реалните проблеми на граѓаните. Темата за уставни измени според него е затворено прашање, бидејќи без јасни гаранции дека ова ќе биде последно условување од Софија, опозициската партија нема да поддржи внесување на Бугарите во Уставот.

-Намерите на власта за лидерска средба се јасни. Тие очекуваат јас да одбијам присуство на таква средба затоа што ќе се разговарало за уставни измени и европски интеграции. Веднаш по ваквиот чин ќе следи напад дека ВМРО-ДПМНЕ било антиевропско и дека ВМРО-ДПМНЕ е изолирано затоа што сите партии со албански предзнак ќе присуствуваат на средбата.

А доколку има мали шанси ВМРО-ДПМНЕ да присуствува, тогаш оние платени мегафони на власта веднаш ќе раскажат „аха значи Мицкоски е подготвен на уставни измени“. И знам дека изгледа детски, но тоа е нештото што Ковачевски го нарекува план, а што и друго да се очекува. Бидејќи ова им се дилемите, да им ги расчистам. Ќе дојдам на лидерската средба, ќе кажам јасно и гласно, не преку соопштенија или штури брифинзи преку какви владата ја најавува оваа средба, дека најреалната причина за која една лидерска средба би имала содржина се разговор за реалните проблеми на народот кој е гладен, а чиј излез, знаеме и тука ние и целата јавност, се изборите. А што се однесува за уставните измени, тоа прашање е затворена тема затоа што уставни измени нема да има под овие околности и без гаранции за нашата европска иднина заштитени од идни условувања од Бугарија. И, исто така, треба да знаат дека народот добро проценува и сакам да престанат сите шпекулации дека имало каков било премолчен договор или заткулисна игра за промена на уставот. Најдобар доказ дека власта нема мнозинство за промена на уставот е оваа лидерска средба која на површина ги изнесува лагите на Ковачевски и неговата влада околу оваа тема. Не би имало лидерска ако тие имаа мнозинство. Јас како човек ниту уцени прифаќам, ниту пак зад завесата договорам, рече Мицкоски.

Опозицијата пред средбата најави дека ќе отвори дискусија за теми поврзани со економската и енергетска криза, но ќе го отворат и прашањето за предвремени избори.

Лидерот на Левица, Димитар Апасиев, најави дека нема да присуствува на лидерската средба.

– Со нас не можат да се договараат како со вмровците. Ние сме тврд орев – вели Апасиев.

Два дена пред средбата, премиерот Димитар Ковачевски е убеден дека партиите ќе дадат поддршка во носењето на брзи и квалитетни одлуки во Собранието. Лидерската средба, вели Ковачевски, ја свикав со цел заедно со сите политички партии кои се застапени во Парламентот да разговараме за европската иднина на државата и за сите одлуки што треба да ги носиме во еден широк, општествен и политички консензус.

– Дел од разговорите, нормално ќе биде скрининг процесот којшто се одвива после првата меѓувладина конференција помеѓу нашата дражва и ЕУ, објаснувачкиот скрининг и подготовките за билатералниот скрининг, потоа сите оние клучни аспекти коишто се однесуваат на интегрирањето на државата во ЕУ, а тоа е, пред се, владеењето на правото, борбата против криминалот и корупцијата, економските аспекти на нашата соработка со ЕУ, бидејќи да не заборавиме интеграцијата во ЕУ не е само прашање на интеграција, не е само политичко прашање, туку веќе станува и економско прашање и сите граѓани можат да видат дека во справувањето со економската криза нашата држава не е оставена сама, туку според она што го кажа и претседателката на ЕК, но и она што го носам како порака од Берлин, покажува дека регионот на Западен Балкан, нашата држава се дел од активностите на ЕУ, рече премиерот.

Албанскиот политички блок  на маса ќе седне со барањето да се укине формулацијата 20% во делот кој се однесува на  албанскиот јазик. Речиси сите партии се одѕваа на повикот на премиерот, велат не треба да бидат одвоени од другите партии.

Претседателот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, оценува дека треба да има комуникација меѓу албанските партии, но да не бидат одвоени од другите партии бидејќи ќе создадат алиби да бидат обвинат за „Втора Тиранска платформа“. И шефот на АА синоќа најави дека ќе учествува на состанокот утре во Собранието. Од ДУИ оценуваат дека за усогласување на албанските партии доволна е средбата во понеделник во Собранието. Генерално, повеќето партии сметаат дека не е потребна паралелна средба само со албанските политички партии, што, меѓу другото, значи дека нема да одат на средбата со Касами.  (Ј.Ц.Г.)