„Црвеното злато“ ќе се одгледува во Македонија, цената достигнува 7.000 евра за килограм

Шафранот египетската кралица Клеопатра го користела како крем за потемнување, а шпанските закони за неговиот шверц предвидувал смртна казна. Во средниот век, шафранот се користел како зачин во благородничките куќи, а јадењето зачинето со шафран било знак дека се работи за исклучиво богато семејство. Во Македонија постојат одлични услови за производство на шафран, меѓутоа тој сè уште се произведува пионерски како хоби и на мали површини

627

Шафранот, е најскапиот и најбараниот зачин во светот, кој е познат уште како „црвено злато“. Цената на светскиот пазар се движи околу 7.000 евра за килограм. Причина за високата цена на шафранот е континуираниот недостиг од него на светскиот пазар. Најголеми производители се Шпанија и Иран, кои произведуваат 80 отсто од светското производство. Во Македонија шафранот започна да се произведува пред пет години, меѓутоа тоа сè уште пионерски, како хоби и на мали површини.

Жарко Гиновски, раководител на Земјоделска задруга „ШАФРАН –Долнени“ вели дека доколку се започне со сериозно производство на шафранот, за кои во Македонија постојат одлични услови за одгледување ќе заживеат и руралните средини и економијата.

-Со релативно мала површина од неколку декари може да живее едно просечно семејство, особено ако се знае дека одгледувањето на шафран не бара посебни услови во однос на почвата и механизацијата. Шафранот има обратен животен циклус од останатите растенија. Напролет го снемува, во летото е во хибернација, а со првите есенски дождови во септември се појавува. Во зависност од врнежите и температурата, почнува да цвета три недели по никнувањето и тоа во октомври и ноември, вели Гиновски.

За насад на еден декар површина потребни се околу 10.000 луковици и во наредниот период од три години, бидејќи е триплодно растение, ќе се размножат на 100.000 луковици. Четвртата година е најродна, а во петтата година треба да се смени парцелата и луковиците да се пресадат на нова локација.

Луковиците од шафранот во поголеми количества тешко се набавуваат и мора да се увезуваат. На интернет постојат извори кои нудат можности за резервирање на луковиците. Цената на една луковица се движи од 1 до 2 евра.

Приносот зависи од тоа колку растенија имате. За да се добие еден килограм шафран, потребни се околу 150.000 цветови. Всушност, шафранот е толчникот на цветот на растението и се собираат само црвените толчници кои се сушат на температура од 40 до 50 Целзиусови степени без ветер, во сушилница, во период од еден ден. Сушењето на сонце не се препорачува затоа што сончевите зраци штетно влијаат на аромата на шафранот. По процесот на сушење, шафранот се складира на темно и суво место. Најдобро е тоа да се направи во херметички затворени стаклени тегли. Трајноста на вака добро складиран шафран може да биде до седум години.

За тоа дека во Македонија постојат одлични услови за производство на првокласен шафран потврда добивме и од Холандија.

-Во 2018 година ја посетивме Холандија и таму се запознавме со професионалното одгледување на шафранот. Се запознавме со вработените во фирмата ABAC Holland B.V. и ги замоливме да не посетат и да извршат испитувања дали може оваа земјоделска култура да успее и во Македонија. Тие не посетија и потврдија дека може во Македонија може да се одгледува првокласен шафран и дека може да се направи бренд, вели Гиновски.

Така десет фармери од Општина Долнени ја основаа Земјоделската задруга ШАФРАН-Долнени, со цел да го промовираат одгледување и производство на шафран во Македонија. Оваа земјоделска задруга во 2019 година доби ЕУ грант за производство на шафран кое наредната година ќе се реализира со целосен мониторинг од страна на холандската фирма ABAC Holland B.V.

МН: Клеопатра шафранот го користела како крем за потемнување

Шафранот е повеќегодишно растение, луковица. Зачинот шафран се добива од цветот на ова растение. Вистинското потекло на шафранот не е познато но проширено е верувањето дека татковина му е источна Грција. Постојат записи за тоа дека шафранот го употребувале уште старите Грци и Римјани, што сведочи за тоа дека ова растение се користело многу порано. Постојат и легенди за тоа дека Клеопатра шафранот го користела како крем за потемнување, а старите Римјани со него ги украсувале постелите на младенците.

Шафранот се користел уште во Месопотамија, пред околу 5.000 години. Се спомнува во Стариот завет и тоа како еден  од  најскапоцените зачини покрај темјанот, алоето и канелата.

МН: Шпанските закони за шверцување на шафранот предвидувале смртна казна

Во Европа, шафранот го донесле Маварите во 10 век. Овој зачин и тогаш бил толку многу скапоцен што шпанските закони во тоа време за неговото шверцување предвидувале смртна казна. Сепак, аџиите во 16 век, шафранот го пренеле во Англија, а подоцна и во Америка, каде што денес се одгледува во Пенсилванија.

Во средниот век, шафранот се користел како зачин во благородничките куќи, а јадењето зачинето со шафран било знак дека се работи за исклучиво богато семејство. Овој зачин се користел во кујната само кога јадењата се приготвувале за најугледни гости.

МН: За еден килограм шафран потребни се од 150 до 200 илјади цветови

Врз цената на шафранот влијаат повеќе различни фактори. Еден од факторите е кратката сезона на цветање, имено шафранот цвета само три недели во годината.

Стебленцата на шафранот растат изразито ниско, па самиот процес на берење е макотрпен. Ова исто така ја зголемува потребата од работна сила, што дополнително влијае на високата цена на овој зачин.

Од секоја луковица на шафранот во една сезона израснуваат два до девет цвета со виолетова или сина боја, а секој од тие цветови има три црвени или портокалови толчници со должина од 25 до 30 милиметри. Лековитиот и ароматичниот дел од растението е само во толчникот, па за еден килограм од овој зачин потребно е 150 и 200 илјади цветови.

МН: Во Шпанија и Иран се произведува преку 80 отсто од светското производство на шафран

Шафранот е култивиран на подрачјето од Шпанија до Индија. Најголемите производители на шафран се Шпанија и Иран со преку 80 отсто од светското производство. Во Европа, шафран се произведува исклучиво на подрачјето на Медитеранот. Во многу помали количества се произведува и во Италија, на Крит, во Франција, Кина, Турција и Индија.

Во континенталниот дел на Европа со векови се обидуваат да одгледуваат шафран, кој денес се произведува единствено во Швајцарија, во Мунду, мало село во кантонот Валис, на 1200 метра надморска висина. Во ова село шафранот се произведува на традиционален начин, па годишно се произведуваат само неколку килограми зачин.

Најголем производител на шафран дефинитивно е Иран. Во оваа земја шафранот го викаат – црвено злато, бидејќи претставува постојан и сигурен извор на заработка. Во текот на 2018 година производството на шафран во Иран подигнато е на рекордно ниво, произведени се 13 тони од овој зачин. При берењето на овој зачин во Иран годишно учествуваат повеќе од 150 илјади сезонски работници.

МН: Шафранот е лек за многу болести

Шафранот со векови се користи како лек против различни заболувања и тоа против заболувања на бубрезите, кај проблеми со аритмија, кај проблеми со апетитот и варењето.

Шафранот има смирувачко дејство, при болки и грчеви, па наоѓа голема примена кај кашлица пратена со грчеви и болки во стомакот.

Овој зачин го јакне имунитетот и ја продолжува виталноста и тоа благодарение на состојката шафранал, која е моќен антиоксиданс и кој се бори против слободните радикали. Се смета дека поволно влијае на видот и на циркулацијата, дека ја регулира состојбата на холестерол и триглицериди во крвта и дека помага во лечење на артеросклероза, астма и артритис.

Многу мало количество од овој зачин за јадењата им дава специфична арома, мирис и боја.

Мирисот на шафранот е благо седативно средство, па оваа билка се  користи и во природните терапии за лечење на депресија.

МН: На шафранот најмногу му одговара медитеранска клима

Шафранот се размножува преку луковица. Кога купувате луковици за садење задолжително проверете дали на себе имаат некои знаци на механички оштетувања или болести.

Луковиците на шафранот многу добро ги поднесуваат ниските температури и брзо се приспособуваат на новата средина, па се садат во есен. Можат да се садат на најразлични места од саксија, преку ливада и бавча, под дрво и грмушка, па дури и во камењари.

Шафранот е растение кое бара добро дренирано земјиште. Кај глинестата земја, луковиците се садат на помала длабочина. Глинестото земјиште поради дренажата пред садењето мора да се прекопа и мора да му се додаде песок. На шафранот особено му одговараат земјишта збогатени со некое органско ѓубриво или компост.

После неколку години луковиците мора да се ископаат и да се раздвојат. На овој начин ќе добиете материјал за расадување.

За поголемо производство на шафран, луковиците треба да се садат во леи, на растојание од двесетина сантиметри. Одгледувањето на шафранот не подразбира никаков хемиски третман ниту примена на агротехнички мерки. Единствено што е неопходно  е пред садењето да нема плевел. На шафранот најмногу му одговара медитеранска клима, а успешно расти и во умерено континентална. (А.С.)