Црвениот крст Кичево додели помош за семејствата од поплавените домови

46

Општинската организација на Црвениот крст од Кичево додели помош за семејствата чии домови вчера беа поплавени по излевањето на Зајашка река. Помошта се состои од ќебиња, душеци и пакети со прехранбени производи и средства за лична хигиена.

-Сметајќи дека тие ќе бидат сместени во спортската сала Иванидол, од страна на Црвениот крст биле доставени ќебиња, душеци, прехранбени и пакети за лична хигиена, наменети за 40 семејства настрадани од поплавите. Откако жителите од оваа населба не дошле да ноќеваат во салата, помошта останала недоделена и наскоро оваа процедура ќе биде завршена, а помошта ќе стигне во вистински раце, изјави Сузана Тасеска од РЦУК Кичево.

Тасеска појасни дека комисијата за проценка на штети деновиве треба да ги разгледа барањата на овие семејства и да им додели парична помош во зависност од обемот на штетата.

Дел од жителите од улицата „Прилепска“ одлучиле наместо во салата, привремен престој да најдат кај блиски роднини и пријатели или да преноќат во нивните возила.

Сличен проблем со поплавување жителите од оваа населба имаа пред шест години.