Црвена лента на зелениот покрив на ГТЦ ќе се сече до крајот на ноември

281

Иако скопскиот градоначалник Петре Шилегов, на обраќањето по повод две години од неговиот мандат најави дека зелениот покрив на Градскиот трговски центар ќе биде готов на 13 Ноември, од Градот информираа дека рокот за изведба е до 30 ноември.

– Работите на проектот за изградба на зелен покрив на ГТЦ се одвиваат во согласност со предвидената динамика. Рокот за изведба е 30 ноември и кога ќе завршат сите работи ќе се одржи свечено отворање на кои медиумите ќе бидат поканети – информираа од Градот.

Изградбата на зелениот покрив започна во февруари годинава, а првично беше најавено дека ќе биде готов во септември, па откако беше демолиран, тој повторно се гради.

Зазеленувањето на покривот на ГТЦ е дел од проектот со кој Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) ќе го поддржи Градот Скопје во спроведувањето на Стратегијата за климатски промени – Отпорно Скопје.

На зелениот покрив со површина од 1.800 квадратни метри ќе бидат засадени 29 висококвалитетни дрвја и повеќе од 30 други видови садници. Со зазеленувањето на покривот на ГТЦ, делумно ќе се надомести загубеното зеленило во Малиот ринг коешто до 2017 година претрпе загуби повеќе од 30 проценти од вкупната површина на крошните на дрвјата кои беа засадени во овој дел на градот. 

За кофинансирање на овој проект, градските власти имаат издвоено 20 милиони денари. Проектот за изградба на зелен кров на ГТЦ е трипартитен проект во кој учествуваат: Град Скопје, УНДП и АД ГТЦ.

(А.П.) – Фото: П.С.