Ципрас: Ќе бидам првиот грчки премиер кој ќе го посети Скопје

41

Набргу ќе бидам првиот грчки премиер кој официјално ќе го посети Скопје, придружуван од бизнис-делегација, а подоцна ќе се формира и високиот совет за соработка на Грција и Северна Македонија, откри грчкиот премиер Алексис Ципрас за време на неговиот говор на четвртиот економски форум во Делфи, јави дописничката на МИА од Атина.

-Сакам да ве уверам дека што се однесува на владата којашто имам чест да ја водам, решени сме Грција да продолжи да гради врз она што го постигнавме со Договорот од Преспа. Затоа, сакам да ви откријам, многу бргу ќе бидам првиот грчки премиер кој официјално ќе го посети Скопје, придружуван од бизнис-делегација. И дополнително ќе пристапиме кон основачки состанок на високиот совет за соработка на Грција и Северна Македонија, со цел да ги истражиме начините за продлабочување на нашата соработка за низа области од заеднички интерес, рече грчкиот премиер и ги спомена економијата, туризмот, енергетиката, културата, воената и полициска соработка.

Премиерот на Грција, говорејќи за Договорот од Преспа, рече дека е дипломатско ремек-дело и „ќе остане во историјата бидејќи првпат за билатерално прашање на Балканот, постоеше политичка волја да се порази национализмот и од двете страни“.

-Договорот од Преспа не беше лесен договор. Би го карактеризирал како дипломатско ремек-дело. Беше дипломатско ремек-дело, бидејќи беше заемно корисен договор, но без никој да добие 100 проценти од неговите аргументи и никој, во исто време, да не се чувствува понижен или обесправен, истакна грчкиот премиер.

Алексис Ципрас рече дека денес Грција и Северна Македонија се две соседни земји кои инвестираат во пријателство, соработка и солидарност и даваат пример, не само за Балканот и Европа, туку и за целиот свет.