Кинотека во петок (17 јули) од 21 часот ќе почне со прикажување на филмови на Чарли Чаплин, и тоа во летното кино под отворено небо.

Како што соопшти денеска Кинотека, станува збор за десет наслови во овој исклучителен циклус – што го опфаќа творештвото на Чаплин од неговите почетоци, па сè до последните дела. Кинотека, исто така, овозможува увид во најдоброто од златната ера на немиот филм, но и начинот со кој Шарло се справува со предизвикот на звучниот филм.

В петок, 17 јули ќе биде прикажан филмот „Циркусот’, в сабота, 18 јули –
„Светлините на Велеградот“, в понеделник, 20 јули – „Големиот диктатор“, во вторник 21 јули – „Господин Верду“, во среда 22 јули – „Крал во Њујорк“, во четврток 23 јули – „Светлините на сцената“, во петок 24 јули – „Детето“, во сабота 25 јули – „Модерни времиња“ и во понеделник е филмот „Златна грозница“.

Влезницата е 100 денари.

Чарлс Спенсер Чаплин (Charles Spencer Chaplin), или едноставно Чарли Чаплин (Лондон, 15 април 1889 –Корсие-сур-Вевеј, 25 декември 1977), е класик во светската кинематографија, а со него и почнува периодот што ние денес го нарекуваме класика.

– Со безмалку 90 улоги на филм и 72 кредити како режисер, Чаплин е од оние автори кои компримираат вистински филмски универзум сам за себе: бил и сценарист, монтажер, продуцент, а повремено и компонирал или бирал музика за неговите филмови. И, како во случајот со сите класични филмски ликови, сè започнало едноставно: насмеј ја публиката, освој ги нивните срца, и биди на нивна страна, макар што заради тоа ќе ти замериестаблишментот, па и со децении ќе ти забрани влез во земјата (САД) каде што направил една од најголемите кариери во филмската
индустрија, се наведува во соопштението на Кинотека.