Циклонот „Јанос“ пустоши во соседна Грција

627

На удар Закинтос, Кефалонија и Итака. Во следните часови се очекува циклонот да се пресели во западна Грција и западен Пелопонез, а потоа и во централна Грција

Mоќниот медитерански циклон „Јанос“ стигна до Грција. Најновите прогнози покажуваат дека овој исклучително редок циклон може да биде најсилниот во историјата на овие простори. Во западна Грција е прогласена вонредна состојба . Црвен код е прогласен поради налети на силен ветер, грмотевици и поројни врнежи од дожд.

Закинтос, Кефалонија и Итака во Грција се во центарот на циклонот „Јанос“, а силниот ветер од 90 километри на час и обилните врнежи од дожд предизвикаа проблеми во напојувањето.  Циклонот го погоди островот Закинтос по полноќ, а луѓето останаа во своите куќи. Имаше и пожар во близина на хотел, тој беше изгаснат, но штетата е голема. Гости на хотелот, како и на неколку куќи останаа без електрична енергија. „Танјуг“ пренесе дека една јахта, која пловела под швајцарско знаме, носена од ударите на ветрови и струите, одлетала во карпи на полуостровот Итака. Лицата кои се наоѓале на јахтата успеале без помош да дојдат до брегот неповредени, пренесе агенцијата „АНА“.

Во следните часови се очекува циклонот да се пресели во западна Грција и западен Пелопонез, а потоа и во централна Грција. Грчките метеоролози очекуваат огромни количества дожд, поплави и ветрови со јачина од над 200 километри на час.