Цените на половните автомобили ќе се зголемат за 30 отсто

Цените на стари возила во Европа почнаа да се зголемуваат уште минатата година поради корона кризата и поради новите прописи на Европската Унија за намалување на аерозагадувањето. Со оглед на тоа дека кај нас најголемиот дел од половни автомобили се увезуваат од Германија, Франција и Италија, според увозниците на половни автомобили логично е и кај нас цените да растат. Причини за зголемување на цените на старите автомобили се и зголемените увозни давачки и намалената испорака на нови автомобили

1302

Цените на половните автомобили ќе се зголемат за 30 отсто, а трендот на зголемување на цените како на старите, така и на новите автомобили ќе продолжи. Цените на стари возила во Европа почнаа да се зголемуваат уште минатата година поради корона кризата и поради новите прописи на Европската Унија за намалување на аерозагадувањето. Со оглед на тоа дека кај нас најголемиот дел од половни автомобили се увезуваат од Германија, Франција и Италија, според увозниците на половни автомобили логично е и кај нас цените да растат. Причини за зголемување на цените на старите автомобили се и зголемените увозни давачки и намалената испорака на нови автомобили.

И покрај тоа што податоците од Царинската управа покажуваат дека во јуни биле увезени рекордни 3.974, а во јули 2.600 половни автомобили, сепак и покрај растот на увозот на половни автомобили, увозниците велат дека продажбата тешко оди поради намалената куповна моќ на граѓаните.

-Цените на половните автомобили се зголемени, но се очекува уште повеќе да растат. Овој тренд започна уште во 2019 година со донесување на новиот Закон за увоз на моторни возила со кој царинските давачки се зголемија за 25 отсто. Причината за порастот на цените на домашниот пазар е и растот на цените на половните возила во Европа, каде поради ковид кризата нема испорака на нови возила и логично е половните да се качат. Освен тоа големо влијание има и намалената куповна моќ на граѓаните и порастот на цената на нафтата, вели за ВЕЧЕР, Александар Гошевски сопственик на автоплац за половни автомобили.

Увозниците на стари возила се жалат дека посетеноста на автоплацовите е многу слаба. Продажбата во 2021 година во однос на 2019 година е намалена за 20 до 30 отсто, додека пак во 2020 регистрирале пад на продажбата и над 50 отсто. Велат дека стандардот на граѓаните е сè понизок и не можат да си дозволат да купат понови автомобили.

Најбарани се оние од 2.000 до 3.000 евра, но поради давачките кон државата кои се зголемени за 70 до 80 отсто цената на најевтините автомобили се покачи за најмалку 200 евра.

-Со воведувањето на новиот данок за емисија на издувни гасови се зголеми и цената на половни автомобили за крајните купувачи. Така, на пример, увозните давачки за „опел корса„ од 2005 година во 2018 година беа 350 евра, сега се зголемени на 520 евра, за „голф„ од 2007 година од 650 евра во 2018 година се зголемени на 1.020 евра. Најголем дел од граѓаните можат да си дозволат автомобил од 2003-та или 2004 година кој чини од 2.000 до 3.000 евра. Но, сега поради поголемите давачки на државата цената на најевтините автомобили е зголемена за најмалку 200 евра, појаснува Гошевски.

Освен зголемените давачки, увозниците велат дека зголемувањето на цените на половните автомобили е последица и на корона кризата и падот на побарувачката. Велат дека на почетокот на оваа година, набавката на некои модели била поскапа за 20 до 30 отсто, односно автомобил кој чинел 7.000 евра, сега може да се набави по цена и до 9.000 евра.

(А.С.)