Цените на нафтата највисоки во последните седум години

61

На светските берзи цените на нафтата пораснаа минатата недела, шеста недела по ред, достигнувајќи нови највисоки нивоа во повеќе од седум години, бидејќи трговците стравуваат од прекини во снабдувањето поради украинската криза.Цената на барелот на лондонскиот пазар минатата недела порасна за 2,4 отсто, на 90,03 долари, додека на барелот на американскиот пазар за 2 отсто, на 86,82 долари.

Во петокот цените на нафтата во еден момент беа уште повисоки, достигнувајќи го највисокото ниво од 2014 година, бидејќи трговците стравуваат дека украинската криза може да предизвика нарушувања на енергетските пазари.

Украина тврди дека Русија подготвува инвазија, Западот најави економски санкции, а НАТО се подготвува да испрати војници во Источна Европа. Москва, од друга страна, ги негира тврдењата за инвазија и го обвинува Западот за поттикнување „хистерија“.

Американскиот претседател Џо Бајден и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен во петокот изјавија дека заеднички ќе гарантираат безбедно снабдување со енергија за Европа и Украина.

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, пак, изјави дека Москва не сака војна со Украина.

„Премијата за ризик на цената на нафтата сега е веројатно речиси 10 долари за барел“, рече Карстен Фрич од Комерцбанк.

Повисок раст на цените беше спречен од зајакнувањето на доларот, чија вредност во однос на кошничката валути порасна за 1,7 отсто минатата недела и го достигна највисокото ниво од средината на 2020 година, бидејќи се очекува американската централна банка наскоро да ги зголеми клучните каматни стапки.

А бидејќи цената на нафтата се изразува во долари, тоа ја прави нафтата уште поскапа во други валути, а со тоа ја ослабува побарувачката.

Оваа недела во фокусот на трговците ќе биде средбата на ОПЕК и другите големи светски производители, на која ќе се преиспита производната политика и ќе се планира зголемување на производството во март за 400 илјади барели дневно.

Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) и нивните сојузници најверојатно ќе се држат до планираното зголемување, изјавија за Ројтерс неколку извори од ОПЕК+.

Откако минатата година се зголемија за повеќе од 50 отсто, цената на нафтата скокна за околу 15 отсто во првите недели од новата година.