Цените на акциите на берзите од минатата недела растат

240

И во период на ширење на ковид-19, што доведе до економска криза во земјава, Македонската берза бележи раст на тргувањата и на прометот.

Во текот на неделата што измина се реализирани 222 трансакции, што е пораст за 5,21 насто во однос на неделата пред тоа. Вкупниот неделен промет заклучно со петокот достигна 1.060.059 евра што е за 19,77 проценти повеќе во однос на претходната недела.

Минатата недела најмногу се тргуваше со акциите на Комерцијална банка, Прилепска пиварница, Алкалоид, Макпетрол и Стопанска банка Битола.

Инаку, во првото полугодие берзанскиот промет е двојно зголемен во споредба со истиот период лани. Вкупно се истргувани 95 милиони евра, од кои 45 милиони само во март, кога почна корона кризата. Падот на светските берзи во тој период  кој изнесуваше 30 до 40 проценти, според аналитичарите ги мотивирал инвеститорите да вложуваат во евтин капитал, па и на нашата берза е регистрирано намалување на вредноста на речиси сите акции.

Но, минатата недела аналитичарите евидентираат  раст на светските берзи. Таму цените на акциите пораснаа наспроти понатамошното ширење на коронавирусот низ светот, бидејќи инвеститорите се надеваат на вакцина против вирусот и на нови поттикнувачки мерки за стопанството.

На американските берзи Дау Џонс индексот порасна минатата недела за 2,3 насто, на 26.671 бод, а СиП 500 за 1,2 насто, на 3.224 бода. Насдак индексот падна за 1,1 отсто, на 10.503 бода. Падот на Насдак индексот откако неодамна достигна рекордни нивоа е последица на корекцијата на цените на акциите на технолошките џинови како што се Амазон, Епл, Мајкрософт, и Нетфликс, кои до неодамна постојано растеа.

-Тоа е добар показател дека парите се прелеваат од Насдак индексот во други сектори кои би требале да зајакнат кога економисјата поцврсто ќе застане на свои нозе, вели Ендрју Смит, стратег во компанијата Делос Капитал Адвазорс.

Но, последните макроекономски показатели не дадоа  јасни сигнали дека економијата брзо закрепнува од корона-кризата, пренесува Дневно.хр.

Цените на акциите минатата недела пораснаа и на европските берзи. Лондонскиот ФТСЕ индекс скокна за  3,2 насто на 6.290 бодови, додека франкфуртскиот ДАКС порасна за 2,3 насто, на 12.919 бодови, а парискиот САС за 2,8 насто, на 5.069 бодови. На Токиската берза Никеи индексот зајакна за 1,8 насто  на 22.696 бодови.