Премиерот Димитар Ковачевски вели дека нема да има поскапување на цената на струјата, бидејќи работат на тоа, а во некои сегменти може да има намалување. Според него во моментов државата стопроцентно ги покриваме потребите за електрична енергија за домаќинствата, а за 20 проценти се намалени сметките за малите потрошувачи. Министерот за економија Крешник Бектеши најави дека во втората половина од февруари ќе се отвори јавниот повик за изградба на интерконекторот.  Како што додаде, се работи и на нов интерконектор со Република Србија, а со Косово, посочи, нашата обврска сме ја завршиле. Директорот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимовски рече дека инвестирањето во фотоволтаици во државата ќе ни ја зголеми енергетската независност

 

 

 Нема да има зголемување на цената на електрична енергија годинава, Владата работи на тоа, па дури во некои сегменти, можно е да има и намалување. Минатата година АД ЕСМ успеа да го зголеми производството на електрична енергија за 20 проценти, а за оваа година планот е повторно зглемување на производството на електрична енергија. Ова го посочи премиерот Димитар Ковачевски на вториот ден од годишната конференција „Година на нови можности“ во првиот панел „Северна Македонија како зелен енергетски хаб – како да се претвори кризата во можност“.

Премиерот анализира дека иако очекувањата на сите беа дека ќе има зголемување на цената на електричната енергија на почетокот од годината, со 100 проценти покривање на потребите за електрична енергија за домаќинствата сметките за малите потрошувачи се намалија за 20 проценти.

Според него во моментов се користи гас кој е од извори од САД, од Северна Африка итн.

-Владата минатата година одвои 760 милиони евра што според податоците од Светска Банка е најголем пакет на антикризни мерки споредено со сите земји од регионот. Со тоа успеавме да ја субвенционираме цената на електрична енергија до 80%.Да не беше таа субвенција цената на електрична енергија за 600 илјади домаќинства ќе беше 5 пати повисока. Малите потрошувачи кои се на регулираниот пазар, ќе плаќаа 3 пати повисоки сметки за струја. Од тој аспект сметам дека кризата беше добро менаџирана, бидејќи сите увидовме дека ценовен шок нема и нема да има“ – истакна Ковачевски на панелот.

Според Ковачевски се издаваат нови дозволи, за нови инвестиции во нови капацитети, кои во текот на годинава ќе бидат ставени во функција. Ќе следува комплетна замена на ТЕЦ Осломеј со фотоволтаична централа, а веќе се изградени 10 мегавати.

Бектеши: Гасот доаѓа од Турција и Грција

Министерот за економија Крешник Бектеши најави дека во втората половина од февруари ќе се отвори јавниот повик за изградба на интерконекторот. Како што додаде се работи и на нов интерконектор со Република Србија, а со Косово, посочи, нашата обврска сме ја завршиле.

– За нивна страна ги подготвивме како документација сите процедури, ја очекуваме нивната одлука дали да се продолжи градбата во нивниот дел, рече Бектеши.

Компании во склоп на ТИРЗ-овите се снабдуваат со природен гас, а министерот за економија информира дека природниот гас е од Турција и од Грција, односно оти имаме различни извори. Гасот во складиштата во Турција и Грција се чува во течна форма пред да биде преземен, а во Македонија доаѓа преку единствената гасоводна врска со Бугарија.

-Утрово имав средба со директорот на НОМА гас, нова компанија која се занимава со природен гас и веќе почнуваат да се реализираат со усвојување на подзаконските акти- посочи Бектеши.

Министерот смета дека треба да се користат тие зголемени капацитети од страна на ЕСМ Продажба, која се занимава со увоз и снабдување со природен гас на нивните постројки, но и за другите потрошувачи како што е индустријата.

-Најважно од се  е дека природниот гас кој што се увезува е од ЛНЏ-терминалите од Турција и еден дел во Грција, што значи дека имаме различни извори од тоа што сме имале претходно и не сме зависни само од еден извор кој претходно беше „Гаспром“, дополни Бектеши.

За Васко Ковачевски, директорот на ЕСМ одржувањето на цената на струјата се должи на зголемувањето на домашното производство на електрична енергија, а со тоа и намалување на увозот. Ковачевски очекува и оваа година успешно да се справат со енергетска криза.

-Силниот удар од кризата го надминавме. Го зголемивме домашното производство за 26,5 проценти. Во 2023 ќе имаме дополнителни нови 20 проценти на домашно производство на електрична енергија за домаќинствата, малите компании, училиштата, капацитетите на прехранбената индустрија…“, кажа Ковачевски.

Бислимовски: Инвестирањето во фотоволтаици ќе ни ја зголеми енергетската независност

Директорот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимовски, осврнувајќи се на изворите за снабдување на енергија, рече дека инвестирањето во фотоволтаици во државата ќе ни ја зголеми енергетската независност.

Според него Фирмите и приватните инвеститори не штедат во инвестиции за фотоволтаици. Рекордни 260 лиценци за градба на фотоволтаици издал регулаторот,а  во фаза на разгледување се 150.

-Над 150 мегават часови се произведуваат зелена енергија во моментот. Потребни се паралелни инвестиции, затоа што постоечката мрежа нема да го издржи домашното производство-предупредува Беслимовски

Претседателот на Македонската енергетска асоцијација Кочо Анѓушев верува оти земјава може да биде енергетски хаб, но како што нагласи, обновливите извори на енергија имаат и недостатоци бидејќи се неконтролабилни. Мора, истакна тој, да се прават обвновливи извори од сите типови. Биогасот, како што рече, е најквалитетен, потоа хидроелектрани, а најмали по квалитет се фоотволтаиците.

– Очекувам уште овој мај, јуни да имаме вишоци на енергија од фотоволтаици што ќе треба да бидат извезени, рече Анѓушев.