Цената на свинското месо нема да се зголеми, а нема да има ниту недостиг на пазарот

Не би требало да се соочиме со зголемување на цената на свинското месо, бидејќи во моментов потребите на нашиот пазар целосно се задоволуваат од домашно производство, дури има и вишоци. Месото од свињи, кое е претходно прегледано, со негативен резултат на африканската свинска чума не е опасно за консумирање, вели директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, Николче Бабовски

406

И покрај појавата на африканска свинска чума во државата и уништувањето на 195 домашни свињи, цената на свинското месо нема да се зголеми. Освен тоа нема да има ниту недостиг на свинско месо, бидејќи потребите на пазарот целосно ќе бидат задоволени од домашно производство. Дека има доволно свинско месо и оти нема недостиг на пазарот потврдуваат и од месарниците, каде деновиве поради празниците е зголемена потрошувачката, особено на свинско месо.

– Цената на свинското месо не е зголемена од Нова година наваму. Но, очекуваме дека ќе има ново зголемување не само поради свинската чума, туку и поради зголемените трошоци на компаниите од кои набавуваме месо. Пред два месеца цената на свинското се зголеми за 20 до 30 отсто. Што се однесува до потрошувачката малку е зголемена поради празниците, Водици, Свети Јован се прават пивтии и се бараат коски, нозе, глави, уши…Луѓето не се исплашени од свинската чума, туку од зголемените цени, вели Дарко Радески, сопственик на една скопска месарница.

И првиот човек на Агенцијата за храна и ветеринарство Николче Бабовски вели дека нема да има зголемување на цената на свинското месо

-Не би требало да се соочиме со зголемување на цената на свинското месо, бидејќи во моментов потребите на нашиот пазар целосно се задоволуваат од домашно производство, дури има и вишоци. Месото од свињи, кое е претходно прегледано,  со негативен резултат на африканската свинска чума не е опасно за консумирање, изјави Бабовски.

Toj додаде дека сите одгледувачи на свињи ќе бидат целосно обесштетени, односно средствата што ќе им бидат исплатени нема да бидат пониски од пазарната вредност на секое грло.

-Потрошувачите на свинското месо не треба да бидат загрижени и уплашени од оваа информација со оглед дека нема никаква опасност по нивното здравје. Оваа болест не е опасна за човекот со оглед на тоа дека не е зооноза, односно не може да се пренесе на човекот и луѓето немаат никакви последици доколку дојдат во директен контакт со вирусот. Но, болеста е фатална за свињите предизвикува огромни штети во свињарството, месопреработувачите, ловството, туризмот и полјоделството. Штетата од проширување на оваа болест кај нас се проценува на околу 180 милиони евра, изјави за ВЕЧЕР, проф. д-р Владо Вуковиќ од Факултетот за земјоделски науки и храна.

Во наредните денови, ќе продолжи депопулацијата во радиус од десет километри во одгледувалиштата каде што не можат да се спроведат биосигурносни мерки или во одгледувалиштата во кои ќе бидат дијагностицирани нови случаи на овој вирус. На ниво на цела држава, АХВ спроведува вонреден попис на сите одгледувалишта на свињи и проверка на веќе воспоставената категоризација за примена на безбедносните мерки.

(А.С.)