EPA-EFE/Quique Garcia

Бранителот на титулата во Ракометната Лига на шампиони, тимот на Барселона останува перфекнта во новата сезона, откако на домашен терен забележа победа над словенечкиот Целје Пивоварна Лашко со 38:30.

Каталонскиот гигант одигра квалитетно прво полувреме против тимот кој во претходното коло режираше голема сензација и го победи бундеслигашот Кил. Момците на Ортега ја имаа контролата во текот на сите триесет минути и на погонот на Дика Мем и Ване на полувреме заминаа со предност од четири гола (19:15). Но, во вториот дел се соочија со големи проблеми, словенечкиот тим не само што ја анулира негативата, туку и за првпат поведе (25:24). Сепак, искусниот шпански стратег успеа да го врати својот тим во колосек и Каталонците со моќни последни десет минути стигнаа до нова победа во елитното клупско натпреварување.

Дика Мем со десет и Ване со седум гола беа предводници на бранителот на титулата до третата овосезонска победа, додека во поразениот тим одлични беа Иванковиќ и Влах со седум, а еден помалку имаше Маргуч.

За разлика од Барселона, Нант без многу пот го одбрани домашниот терен со Елверум и славеше убедлива победа од 41:30. Одличен натпревар за францускиот тим постигна Мае со седум гола, а шест запиша Одриозола. За Елверум се истакна Авад со осум погодоци, три во првиот и пет во вториот дел.

Екипата на Кил ја забележа втората пообеда во новата сезона во ракометната Лига на шампиони, откако пред својата публика славеше со 34:29 над шампионот на Унгарија, ПИК Сегед. Екберг со шест и Раинкинг со пет гола беа најпрецизни во редовите на Кил, додека за ПИК Сегед најрасположен беше Роста со шест погодоци.

Значајни три бода запиша и екипата на Висла Плок, која што го искористи домашниот терен и му го нанесе првиот пораз на ГОГ Гудме (31:27). Кај победничкиот тим се истакнаа Лучин со седум и Житников со четири гола, а за данскиот тим прв стрелец беше Питлик со шест погодоци.