Машката сениорска ракометна репрезентација на Македонија ги стартуваше завршните подготовки за настапот на претстојното Светско првенство, кое ќе се одржи во Полска и Шведска, од 11 до 29 јануари, наредната година. Избраниците на селекторот Кирил Лазаров, веднаш по првиот собир заминаа во Маврово, а до стартот на Мундијалот ќе одиграат и четири контролни средби со селекциите на Израел, Црна Гора и Хрватска.

-Имавме тешка задача да се пласираме на Светското првенство. Првпат игравме два баража против квалитетни репрезентации, но ние успеавме во нашата цел. Успеавме во еден процес каде што имаме комплетна промена на репрезентацијата и навистина сум горд што успеавме да го задржиме континуитетот на настапи на големите натпреварувања. Имаме многу подмладена репрезентација, талентиран тим, малку неискусен за вакво натпреварување, затоа што ова е сосема друго натпреварување за разлика од квалификациите. Имаме време за подготовки, ќе бидеме комплетни, само Митревски доаѓа на 23 декември и Филип Кузмановски, кој ќе дојде подоцна, на 28 декември, поради обврски во Бундеслигата, вели Лазаров и додаде:

-Имаме многу тешка група. Да не зборуваме многу за Норвешка. Холандија е во страшен подем, а Аргентина на последното СП направи големи проблеми за силните репрезентации, па дури ја победи и Хрватска. Ќе тргнеме скромно, да останеме здрави сите до почетокот на СП. Низ разговорите со ракометарите увидов дека постои голема мотивираност и тоа ме радува. Целите за нас се веќе поставени. Самиот пласман е успех, но секако ќе се бориме и за пласман во вториот круг. Нема да биде лесно, но ќе се обидеме да направиме и изненадување.

Со нетрпение настапот на СП го чека и еден од моментно најискусните во репрезентацијата, крилото Дејан Манасков, кој поради повреда ги пропушти последните две големи натпреварувања.

„Мило ми е што сум помеѓу овие момци и со нетрпение го очекувам првенството. Ова е една нова генерација во која се измешани младост и искуство. Ние поискусните сме тука да им помогнеме на помладите и ја прифаќаме улогата на лидерите. Главна цел ни е да се подготвиме колку што можеме подобро. Во спортот секогаш има изненадувања, а ако не веруваме, тогаш не треба да патуваме таму. Можам да кажам дека ние силно веруваме и убедени сме дека ќе ја поминеме групата, вели Манасков.

Македонија на шампионатот ќе игра во група со Норвешка, Холандија и Аргентина.  Првиот меч „црвено-жолтите“ го играат 13. 1. 2023 против репрезентацијата на Норвешка во 20:30 часот. Потоа следува дуелот против репрезентацијата на Холандија на 15. 1 во 18 часот, а последниот натпревар од групната фаза е на 17. 1 против Аргентина во 18 часот. (С.Т.)

Фото: П. Стојановски