Во фоајето на ЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп вечерва (17.септември) од 19 часот, според сите протоколи за заштита од корона вирусот, целовечерен концерт на виолина ќе одржи нашата позната виолинистка Софија Никоска. Во рамките на програмата таа ќе ги изведе делата на Бах.

 

Никоска, родена 1991 во Прилеп, своето музичко образование го започнува во родниот град, а средното музичко го завршува во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј” во Скопје. На 15 годишна возраст станува најмладиот бруцош на ФМУ во Скопје, каде дипломира со највисока оценка CUM LAUDE во класата на проф. Олег Кондратенко, и потоа ги завршува и магистерските студии. Своето понатамошно усовршување го продолжува како студент на Кралската Школа „Queen Sofia College of Music ” во Мадрид, каде шест години студира во класата на светски реномираниот проф. Захар Брон.

Како стипендист на фондацијата “Albeniz”, во оваа високо реномирана музичка школа, успешно реализира бројни настапи низ Шпанија, како солистички, така и како дел од камерни состави под менторство на професорите Хајме Мулер и Марта Гулијаш. Учесник и добитник е на бројни награди на државни и меѓународни натпревари. Моментално живее и работи во Македонија, каде предава виолина при УГД –  Музичка Академија во Штип.