Цела година ни траг ни глас од единаесетгодишниот Петар од Врпско-Се пребаруваа куќите, реката, рударските окна и шумата во Мариово

Повеќе од 200 луѓе, припадници на МВР, ДЗС, ЦУК, АРМ, хеликоптер, дронови, заедно со доброволци и тим од спасителната служба „Златоврв“ од Прилеп ја пребаруваа целата околина. Се пребаруваа куќите, реката, рударските окна и шуми. Ова не е единствениот случај на исчезнување на дете во Мариово. Пред 14 години, во селото Дуње,  шестгодишната Ангела Ѓорѓиоска беше пријавена за исчезната. Во потрагата се бараше помош и од Интерпол, во случај да била киднапирана и однесена надвор од државата

398

Сè уште нема никаква трага од единаесетгодишниот малиот Петар Џобоски, кој пред речиси една година исчезна кај мариовското село Врпско.  Повеќе од 200 луѓе, припадници на МВР, ДЗС, ЦУК, АРМ, хеликоптер, дронови, заедно со доброволци и тим од спасителната служба „Златоврв“ од Прилеп ја пребаруваа целата околина. Се пребаруваа куќите, реката, рударските окна и шумата во Мариово, но не беше најдена никаква трага.

-Добивме повик од локалното здружение на ловџии во Прилеп дека е исчезнато малолетно дете во Мариово поточно селото Врпско и дека групи ловџии и соселани се организираат самоиницијативно да започнат со потрага, при што се вклучи и граничната полиција Југ – ПС Витолиште – раскажува за весникот ВЕЧЕР, Дарко Неданоски, раководител на спасителната служба „Златоврв“. Тој се потсетува дека членовите на „Златоврв“ од првиот ден биле на терен и единаесет дена го барале исчезнатото дете во дивите и тешко достапни предели на Мариово.

-Заедно со ловџиите се упативме кон атарот на селото Врпско и почнавме со пребарување најпрво во селото, ги пребарувавме сите стари куќи, плевни, и други објекти, го поминавме сите шумски патчиња кои водат до селото – изјави Неданоски. Но, вели дека за жал, во потрагата  не биле  пронајдени никакви траги од детето.

-Првите денови го пребаравме целиот регион во радиус од два километра од селото, но не најдовме никакви траги. Сомневајќи се дека над селото има стари окна од стариот рудник на фабриката „Партизанка“, каде се вадела огноотпорна руда фелдпат, се организиравме и се спуштивме на длабочина од 50 метри во вертикалното окно сè со цел да провериме дали можеби случајно детето е паднато внатре. Кога слеговме долу не пронајдовме никакви траги. Потоа наредните денови заедно со Дирекцијата за заштита и спасување се организиравме и направивме пребарување во речното корито на Црна Река со цел детално пребарување. Со овие две извршени задачи беа пребарани и недостапните места,  се спуштивме во окното и ја пребаравме реката, но за жал без никаков резултат – вели Неданоски.

Според него потрагата по малиот Петар треба да продолжи, а ваквите случаи укажуваат од потребата за државна спасувачка служба која би била достапна 24 часа.

-Потрагата во секој случај треба да се продолжи и да се насочи кон пребарување во поголем радиус. Во согласност со нашиот закон по изминување на 48 часа од пријавата во МВР се започнува потрага по лицето, што навистина е долг период. За жал, покрај големите напори од наша страна, направени се голем број професионални спасителни акции со реални сценарија, извршени 14 независно спасителни акции каде што сме им помогнале на Н.Н лица, државните институции сè уште молчат. Во нашата држава нема државна спасителна служба која ќе биде 24/7 часа достапна на целата територија за сите граѓани, посетители и туристи на целата територија на државата. Поради ова не можеме да развиваме авантуристички туризам без Државна спасителна служба. Имаме полиција, брза помош, армија, пожарна. Сите овие се професионални државни служби но не се достапни ниту пак обучени за да интервенираат кога е најпотребно. На лицата кои се исчезнати, изгубени и слично, нашата помош им е неопходна што поскоро затоа што ако не се интервенира навремено самата акција сè повеќе се комплицира – изјави за весникот ВЕЧЕР, Неданоски.

Ова не е единствениот случај на исчезнување на дете во Мариово. Пред 14 години, во селото Дуње,  шестгодишната Ангела Ѓорѓиоска беше пријавена за исчезната. Во потрагата се бараше помош и од Интерпол, во случај да била киднапирана и однесена надвор од државата.

Шест месеци по исчезнувањето, МВР соопшти дека биле пронајдени остатоци од детско тело, за кои анализата од Судска медицина потврдила дека се од малата Ангела.

-Од исчезнатите, од 1987 година до сега, во системот за потраги по исчезнати лица на МВР, 10 лица се до 18 години, од кои четири се деца до 14 години.- соопштија од МВР за весникот ВЕЧЕР. (П.Ч.)