Царовска: Учениците продолжуваат да одат во училиште, бидејќи се безбедни

58

„Сѐ уште немаме интерна трансмисија на Ковид 19 во училиштата и тоа го кажуваат надлежните здравствени власти. Бројот на позитивни на дневно ниво се движи од 0,01% до 0,03 %, зависно од денот, но сепак имаме повеќе од 240 илајди ученици со физичко присуство кои се секојдневно во училница и овие бројки се навистина ниски. Многу е значајно медиумите и граѓаните и сите ние кои известуваме или имаме можност да известуваме за податоци да се држиме за она што го кажуваат надлежните институции и да го пренесуваме доследно како што е кажано без да се шири паника помеѓу граѓаните затоа што во моментот такво нешто не е потребно. Затоа што истовремена изолација на 25 или 10 ученици не значи дека сите се позитивни на Ковид“, изјави министерката за образование и наука Мила Царовска вчера во телевизиско гостување.

Таа додаде дека сѐ уште нема потреба од промена на моделот за настава, и учениците продолжуваат и понатаму да одат во училиште, бидејќи се безбедни, а тоа го потврдило и Министерството за здравство во извештај, за кој било дискутирано и на Главниот координативен штаб.

Таа воедно повтори дека состојбата со ковид 19 во училиштата се следи на дневно ниво, а МОН е во постојана координација и комуникација со надлежните здравствени власти и со епидемиолошките служби како и со Државниот санитарен и здравствен инспекторат кој редовно ги посетува училиштата и потврдува доследно почитување на мерките за заштита.

Родителите треба да побараат таблет од училиштата

Во однос на дигитализацијата која е воведена заедно со новата концепција во основното образование, Царовска истакна дека таблети во министерството има и дека родителите се тие кои треба да си побараат таблет од наставниците или од училиштата.

„Во министерството имаме на располагање и таблети. Родителите да си бараат таблет и да го посочуваат и мотивираат ученикот да го користи дигиталниот учебник затоа што таму има содржина која што ќе му даде можност да истражува, да решава квизови и сето тоа во интерес на учењето“, рече Царовска.

Додаде дека МОН испечатило и 20 проценти од вкупниот број на учебници и ги дистрибуирало до секое училиште согласно бројот на ученици што значи дека наставниците во училишните библиотеки веќе имаат учебници кои што се печатени. „Родителите не треба да ги печатат. Но главно, дигиталните учебници треба да се користат како дигитални секаде каде што има можност затоа што квалитетот на учебник кој е дигитален и целта што треба да ја постигне никако не може да се постигне со печатен учебник“, истакна таа.