Царовска: На дневно ниво 0.01 процент новозаразени ученици

49

„Министерство за образование е во дневна координација со сите здравствени служби и неделно информира на Главниот координативен штаб за сите состојби во училиштата. Вчера (16 септември) процентот на новозаразени ученици е 0.01, и така беше и во претходните два дена. Не е надминат бројот 0.2 проценти на вкупните случаи од први септември до денес, што укажува на стабилност во училишниот систем. Ако Комисијата за заразни болести, заради различни аспекти, предложи друг систем, истиот ќе го примениме“, рече денес министерката за образование Мила Царовска истакнувајќи дека училиштата треба последни да се затворат, а први да се отворат. Како што посочи Царовска тоа не е паушална изјава, туку став на меѓународните организации кои се грижат за квалитетот на образованието во сите држави во развој, како што е нашата, а тоа се УНИЦЕФ и ОЕЦД.

Во врска, пак, со изјавата на Царовска дека омбудсманот не е надлежен за образованието, народниот правобранител Насер Зибери посочува дека оваа инстутуција е апсолутно надлежна и за образованието и за заштита на децата. Според Зибери, иако не се Комисија за заразни болести, имаат право да даваат препораки како образовниот процес да биде квалитетен. Додаде дека, доколку МОН како надлежен орган не постапи по нивните укажувања, Владата има обврска информацијата на Народниот правобранител да ја стави на седница на која и тој ќе биде поканет.

За омбудсманот има проблем и при следењето настава на четвртоодделенците за кои се укинати учебниците во хартиена форма, а наставата се изведува со дигитални. „Дигиталните учебници предизвикуваат дополнителен трошок за родителите затоа што постојните уреди немаат капацитет и меморија да ги користат тие содржини. Не сите домаќинства се снабдени со соодветни уреди за квалитетно ученикот да се вклучи во образовниот процес“, посочува Зибери.