Хусни Исмаили ја презеде министерската функција: Стартува лекувањето на културата

121

„За нас, лекарите, има општо мислење дека сме ограничени само на нашата дејност. Но лекарот е, пред сè, интелектуалец. Знам дека овде не откриваме научни вистини, природата на нештата во култура е сосема друга. Нема да откриваме топла вода, но ќе решаваме проблеми, ќе отвориме можности за културните работници и за институциите“, рече новиот министер за култура Хусни Исмаили, на денешното примопредавање на функцијата од сопартиецот од „Алтернатива“, Асаф Адеми

„Министерството за култура го сфаќам како сервис, пред сè, на институциите што постојат во негови рамки, а и на сите културни работници и дејци во оваа област“, рече новиот министер за култура Хусни Исмаили на денешното примопредавање на функцијата од страна на Асаф Адеми. Тој воедно истакна дека ќе се залага со сите негови можности, интелектуален капацитет и менаџерски способности да го одведе Министерството за култура еден чекор понатаму и да ги реши бројните проблеми што се наталожени со години. „Можеби нема да успеам сите да ги решам, но ќе направам сè што е во моја моќ да решам најголем број од нив“, додаде Исмаили кој највисоката функција во министерството за култура ја презеде од сопартиецот од „Алтернатива“ Асаф Адеми, кој, пак, од здравствени причини се повлече во мај.

Исмаили, кој е специјалист по ревматологија и доцент на Медицинскиот факултет на Тетовскиот универзитет, додаде дека во краткиот период што го имал откако го номинирала неговата партија, од својот претходник Адеми бил запознат со главните насоки и тешкотии со кои е опфатено Министерството. Најави средби со луѓето од неговиот кабинет и со раководителите на сектори за подготовка на план и програми за работа. „Стратегијата и целите каде треба да се движи Министерството веќе се определени, ние треба да се занимаваме со тековните проблеми, напластените проблеми што ги мачат културните работници и институциите“, рече тој.

На новинарско прашање како ќе се справува со спецификите на културата со оглед дека е лекар, одговори дека од помош ќе му биде богатото искуство во културата која го привлекувала заедно со спортот. Во 1990-тите години, рече, бил пионер во многу области – издаваштво, подготовка на документарни емисии, радиоемисии, уредник на првата радиодрама на албански јазик и дека тие негови активности траат и денес. „За нас, лекарите, има општо мислење дека сме ограничени само на нашата дејност. Но лекарот е, пред сè, интелектуалец. Знам дека овде не откриваме научни вистини, природата на нештата во култура е сосема друга. Нема да откриваме топла вода, но ќе решаваме проблеми, ќе отвориме можности за културните работници и за институциите“, додаде Исмаили.

Екс министерот за култура Адеми, пак, рече дека го почитува Исмаили не само затоа што се, како што рече, партиски другари, туку дека го знае од претходно. Посочи дека на својот наследник му предава консолидиран буџет и добри меѓучовечки односи во Министерството. „Господинот Исмаили е многу јак персоналитет и верувам дека Министерството за култура ќе биде во сигурни раце. За разлика од првиот ден кога бев известен дека има нула денари во многу делови од буџетот за реализација на активностите, јас денеска го известувам министерот дека буџетот е консолидиран така како што е планиран. Верувам дека до крајот на годината и долговите ќе бидат нула денари. Исто така, за разлика од моите почетоци, во администрацијата сега има многу добри меѓучовечки односи и сигурно ќе има со кого да соработува“, додаде Адеми.

Хусни Исмаили (1963) е третиот министер за култура во Владата на Зоран Заев од нејзиното формирање на 1 јуни 2017, откако на таа функција беа и Роберт Алаѓозовски и Асаф Адеми. Медицинско образование стекнал на Скопскиот универзитет и на Универзитетот во Тузла, БиХ. Доцент е на Медицинскиот факултет на ДУТ, автор и коавтор на голем број научни трудови. Претходно работел како професор во средното медицинско училиште „Никола Штејн“ и бил матичен лекар и специјалист-интернист во приватни здравствени установи во Тетово.