Хумани велосипедисти бесплатно доставуваат нарачки од стари и инвалиди

675

Осуммина велосипедисти од Скопје почнаа акција на бесплатна достава на потребни намирници и лекови за лица постари од 65 години и за инвалиди. Луѓето им се јавуваат им и кажуваат што треба да им набават, а тие потоа заедно со купените работи и со фискална сметка одат кај овие ранливи граѓани и им ја доставуваат до врата

 

Во време кога не треба многу да се излегува надвор поради пандемијата што владее од вирусот ковид-19, осуммина ентузијасти решиле да им доставуваат основни намирници на ранливите групи граѓани. Тие од пред околу два месеци  формирале група вело-достава и секојдневно на велосипеди вршат испорака на потребните намирници на оваа група на граѓани и тоа бесплатно.

– Вело достава е идеа која се разви спонтано, најмногу поради тоа што увидовме дека има група на граѓани, кои се многу ранливи во овој период и дека дел од нив не ни можат да си ги набават основните намирници, лекови и слично. Затоа организиравме акција каде што бесплатно им доставуваме она што им е потребно на лица над 65 години и лица со инвалидитет, со тоа што поради вонредната ситуација истите се проширени и адаптирани според дадената потреба на граѓанинот. Нашите капацитети се моментално ограничени и мали, но сепак располагаме со одлична мрежа на вело-доставувачи, а би сакале и да напоменеме дека голем број луѓе нè контактираа и за волонтерска работа доколку е истата потребна – вели за весникот ВЕЧЕР основачот на групата, Александар Савески.

Тој појаснува дека луѓето им се јавуваат и им даваат список на тоа што треба да им се купи.

– Јас ги примам нарачките , а потоа оние од групата што се слободни и се во близина на лицето што нарачало ќе ја преземе нарачката. Ние ги купуваме производите, а потоа со фискалната сметка одиме кај лицето што нарачало и тој ни ја дава потребната сума. Можам да кажам дека особено на старите лица не им е битно од каде се купува, туку им е битно да го добијат тоа што го нарачале -објаснува Александар.

Освен тоа, тој вели дека старите лица имаат предвид и нарачката ја прават три дена однапред, а не за веднаш и така можат да постигнат.

Оваа група функционира од понеделник до петок од 9 до 16 часот, а во сабота од 9 до 12 часот.

– Доколку има итна потреба не откажуваме ниту во недела, иако обично ни е слободен ден. Ќе се организираме и ќе ја реализираме нарачката – потенцира Савески.

За активна промоција на вело-достава, оваа група во моментов ги користи социјалните медиуми, а секој што ќе сака може да се јави на телефонскиот број 077/396-660. Но, не се ограничени само на тоа, туку и на препораките од човек на човек и веруваат дека доколку делуваат чесно и лојално, добриот збор за нив ќе се рашири мошне брзо.

Оваа група исто така врши и регуларна достава каде што најголем акцент се дава на брзината на испораката на пратката и моментот дека никогаш нема да го остават на цедило побарувачот на услугата. Таа се наплатува. Притоа, половина од сумата оди за доставувачот, а половина за групата.

– Наша цел е покрај доставата на помалите пратки, да развиеме и карго, односно достава на габаритни потешки пратки со помош на велосипедот. Моментално располагаме со специјална вело-приколка за достава која овозможува пренос на поголем товар, а во преговори сме со фирма од Германија која произведува велосипеди специјално наменети за достава на поголеми тежини и габарити. Со тоа, се надеваме дека ќе придонесеме луѓето да увидат дека велосипедот е неверојатна алатка која треба да ја користиме сè повеќе во нашите животи и се надеваме дека глетката од карго велосипеди во нашиот град, еден ден ќе стане реалност и наше секојдневие – потенцира Савески.

Тој смета дека Скопје е идеален град за велосипедска достава, пред сè поради тоа што речиси и да нема нагорнини за качување и поради тоа што сè е на релативно кусо растојание.

– Поради тоа велосипедот е најпрактичното средство за комуникација низ градот, издржлива опција која е отпорна на сите кризи кои ќе му бидат зададени – вели Александар.

(А.П.)