Хуманитарни пакети за лица од социјален ризик од делчевските села Вирче и Тработивиште

57
Вкупно 14 семејства од социјален ризик од селата Вирче и Тработивиште денеска добија хуманитарни пакети, како дел од организираната акција „Помислете на нас”, која Општинската организација на Црвен крст Делчево ја организираше по повод Неделата за борба против глад. За реализација на оваа активност, како што информираа од Црвен крст Делчево, беа организирани вкупно три собирни акции.
-Општинската организација на Црвен крст Делчево за потребите за реализација на акцијата за „Недела на борбата против гладот“ и кампањата „Помислете и на нас“ организираше неколку собирни хуманитарни акции, на кои граѓаните можеа да донираат прехранбени пакети и финансиски средства. Во кампањата освен граѓаните активно учество зедоа и Општина Делчево како и бизнис-секторот. Од собраните средства и даруваните прехранбени продукти, беа направени 14 прехранбени пакети, кои денес ги доделуваме на семејства од социјален ризик, истакнаа од Црвен крст Делчево.
Во глобалната акција за борба против гладот, денес се вклучи и Општина Делчево.
-Во рамките на акцијата, денеска  претставници од ОО на Црвениот крст Делчево, пратеничката во Собранието на РС Македонија Соња Михаиловска и градоначалникот Горан Трајковски, посетија семејства во селата Вирче и Тработивиште кои живеат во социјален ризик, при што доделени беа хуманитарни пакети со прехранбени производи. Пакетите се обезбедени од Општина Делчево, информираа од Општината.
Во двете населени места, како што додадоа се реализирани и неколку средби со жителите, со цел да се слушнат потребите на граѓаните и приоритетите за решавање.