Хрватското претседателство и Самитот во Загреб – нова надеж за Македонија

Што може Македонија да очекува од хрватското претседателство со Советот на Европската Унија? Изминатиот период повеќе дипломати и државници испратија порака дека токму овој клучен Самит што ќе се одржи во мај во Загреб и хрватското претседавање можат да бидат шанса за проширувањето на ЕУ да се врати високо на агендата и да се деблокираат преговорите со Македонија и со Албанија

207

Хрватска во новата година го презема претседателството со Советот на Европската Унија од Финска. Од 1 јануари до 1 јули 2020 оваа земја ќе биде на кормилото на Унијата. За време на шестмесечното претседавање, токму во Загреб, во мај, ќе се одржи и Самитот за Западен Балкан. Изминатиот период повеќе дипломати и државници испратија порака дека токму овој клучен Самит и хрватското претседавање можат да бидат шанса за проширувањето на ЕУ да се врати високо на агендата и да се деблокираат преговорите со Македонија и со Албанија.

Во очи претседавањето на неговата земја со ЕУ, хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ неодамна изјави дека Загреб ќе го врати прашањето за проширувањето на Унијата кон земјите од Западен Балкан на врвот на агендата. Пленковиќ истакна дека трите основни цели на Хрватска се влез во Шенген-зоната, во Еврозоната и во Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД), а како приоритети за шестмесечното претседавање ги издвои силниот економски развој на Унијата, безбедноста и глобалната позиција на ЕУ, како и Самитот за Западен Балкан што во мај ќе се одржи во Загреб и процесот на проширување.

– Би сакал да потсетам дека Самитот во Загреб се одржува дваесет години по првото пристапување на земјите од Југоисточна Европа во Европската Унија и сакам да кажам дека ние ќе бидеме присутни за да им помогнеме на балканските земји кои сега се на ред да влезат во Европската Унија и да ги поддржиме во овој напор, истакна хрватскиот премиер кој упати и порака дека на состанокот кој ќе се одржи во Загреб во мај наредната година, ќе се испрати „реалистична порака за понатамошната динамика на приближување на соседните земји на ЕУ“.

На состанокот на Европската народна партија во Загреб, Пленковиќ изјави дека верува оти целта на француската иницијатива е да се подобри функционирањето на ЕУ, но додаде дека предлогот на Макрон не може да го запре проширувањето на Унијата. Според него, преговарачката рамка што се користи за Црна Гора и Србија веќе овозможува суспендирање на секое поглавје и враќање на привремено затворените поглавја каде што е вклучен концептот за реверзибилност на процесите, кој го предлага францускиот претседател Емануел Макрон.

-Веќе постојната рамка има голем број механизми за контрола, со многу прецизни филтри, кои го контролираат и најситниот чекор во кое било поглавје или околу некое политичко прашање, вели хрватскиот премиер.

Ставот на хрватскиот премиер е дека одлуката на ЕУ да не ги почне преговорите со Македонија и Албанија била грешка.

На иста линија е и ставот на хрватскиот европратеник Тонино Пицула. Тој изјави дека самитот во Загреб во мај за време на хрватското претседателство со ЕУ е шанса работите во регионот да се деблокираат и прашањето за проширувањето да се направи еден од приоритетите. Пицула, кој е именуван за известувач на Европскиот парламент за препораки за Западен Балкан, изрази очекување Европскиот совет да даде една полуподдршка за почеток на преговорите за земјава и за Албанија, бидејќи двете земји го исполниле сето она што се барало од нив како предуслови за почеток на преговорите.

-Од Северна Македонија се бараше да го смени името на државата и тоа сè уште остава политички последици во таа земја. Сепак, со одлуката на францускиот претседател Макрон да се воздржи, одлуката на Европскиот совет е блокирана, како што беше случај во последните десет години. Според тоа, тоа е прашање на нарушен систем, изјави Пицула во едно интервју.

МН: Макрон – клучна фигура

Францускиот претседател Емануел Макрон во октомври на европскиот Самит во Брисел го блокираше почетокот на преговорите на Европската Унија со Македонија и со Албанија. Неколку недели подоцна, Макрон излезе со помек став во однос на ова прашање, но под силен услов следните месеци двете земји да ги завршат клучните реформи, а во меѓувреме да се реформира преговарачката методологија.

-Доколку направиме реформи во следните неколку месеци, подготвен сум да се отворат преговори. Доколку и тие направат дополнителни напори кои им преостануваат. Но потоа не сакам никој повеќе да влегува во членство додека не ја реформираме ЕУ. Мислам дека тоа е предуслов, неопходен и искрен, потенцираше Макрон во интервју за Економист.

Макрон потврди дека зелено светло за почеток на преговори на Самитот во Брисел имало само за Македонија. Францускиот претседател рече дека други земји членки, речиси половина од членките, се криеле зад француското вето, а всушност биле против отпочнување преговори со Албанија. Одвојувањето на двете земји, според Макрон, ќе било голема грешка.

По одлуката на францускиот претседател да ги блокира преговорите, дел од европските експерти се согласија дека ветото од Макрон е дел од битката за моќ во Европската Унија по Брегзит и неговата желба да се позиционира како лидер во Унијата, на место германската канцеларка Ангела Меркел, која според дипломатски извори била најголем поборник за проширувањето и во неколку наврати се обиде да го убеди Макрон да го дозволи тој процес.

По Хрватска, во втората половина од 2020 година, на кормилото на Европската Унија ќе застане токму Германија, која заедно со Франција е главен двигател на политиките и случувањата во Европа. Поддршката од Берлин што ја демонстрираше германската канцеларка Ангела Меркел пред неславниот Самит за Македонија е дополнителен показател дека земјава може да се надева на поуспешна 2020 година во однос на евроинтеграциите, откако во годината во заминување не беше крунисана со очекуваните резултати, особено по историските договори што претходно ги постигнавме со соседните Грција и Бугарија.  (В.С.Н.)