Хрватска размислува за воведување ваучери за гориво

84

Вицепремиерот и министер за финансии на Хрватска, Здравко Мариќ по седницата на Владата изјави дека воведувањето ваучери за гориво е една од мерките што се размислува и на која се работи, но дека се уште е рано да се потврди таквата одлука.

Со оглед на тоа што следната недела истекува двонеделната одлука за фиксирање на цената на горивата надвор од автопатиштата, како и поради се оизвесниот раст на цените на нафтата на пазарите, Мариќ рече дека допрва треба да почекаат за сите пресметки кога е во прашање цената на нафтата. Тој додаде дека министерот за економија и одржлив развој Давор Филиповиќ има дополнителни разговори со претставници на дистрибутерите и производителите.

Што се однесува за можноста за воведување ваучери за гориво, Мариќ рече дека тоа е една од мерките што се разгледуваат, но за чија подготовка се уште треба одредено време. Меѓу другото, се јавува и проблем за оние кои поседуваат повеќе возила, како и прашања за социјалните критериуми, во однос на тоа дали ваквата мерка би важела за сите подеднакво, или не.