Проблеми за хрватската ракометна репрезентација пред натпреварот со Шпанија, последен од главната фаза, кој ќе се одигра денеска на Европското првенство. На повреда се жали средниот бек Лука Циндриќ (26) кој според асистентот во стручниот штаб на „коцкестите“, Хрвое Хорват нема да игра против “црвената – фурија“ кој ќе одлучува за првото место во групата во Виена.

– Почувствува болка во листот на мускулот, а има и дисторзија на скочниот зглоб. Сигурно ќе биде подготвен за полуфинале, иако постои можност да заигра и против Шпанија. Ја следиме состојбата и ќе видиме дали ќе ризикуваме за последниот натпревар во Виена или ќе добие поштеда за завршниот викенд во Шведска, изјави Хорват.

Една од важните алки во ракометната репрезентација на Хрватска плати данок на тешко извојуваната победа над Германија, меѓутоа се очекува да се врати во националниот тим за полуфиналето в петок. Циндриќ досега постигна 20 гола за Хрватска од 34 обиди и во просек одигра по 37,8 минути по натпревар.