Хоти ја почна работата како нов косовски премиер, Курти не му ја предаде должноста

36

Со почести кои му ги одаде Церемонијалната гарда на Косово, новоизбраниот косовски премиер Авдулах Хоти утрово ја презеде должноста и веднаш потоа ја одржа првата седница на новата Влада, јави дописникот на МИА од Приштина.

Должноста на Хоти му ја предаде секретарот на Владата Фитим Красниќи, иако според протоколот тоа требаше да го стори досегашниот премиер Албин Курти.

Во синоќешното видео-обраќање преку Фејсбук, Курти рече дека новоизбраната влада е нелегитимна, затоа што е формирана со незаконска одлука на Уставниот суд и додаде дека не може да врши примопредавање на должноста со некого кого го разрешил.

Хоти беше прв вицепремиер во претходната влада, а Курти го разреши неполн час откако на 25 март Собранието на Косово му изгласа недоверба на неговиот кабинет.

По приемот на должноста, Хоти ја свика првата седница на неговиот кабинет, на која ги претстави приоритети за време на неговото владеење, при што ги нагласи борбата со пандемијата, економското опоравување, преземањето на водењето на дијалогот со Србија и јакнењето на врските со меѓународните пријатели и партнери.

Тој им се заблагодари на здравствените работници за искажаната професионалност во справувањето со состојбата, како и на полициските службеници, приватните бизниси и јавните претпријатија, а воедно им изрази сочувтво на семејствата на жртвите на епидемијата.

Хоти најави целосна транспарентност во работата на неговиот кабинет и вети „еден поинаков дискурс, како внатре во владата, така и во однос на опозицијата, граѓанското општество и медиумите“.

Новиот косовски премиер, кој е и потпретседател на Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК), веднаш по првата седница на Владата, одаде почести пред гробот на основачот на ЛДК и првиот претседател на независно Косово, Ибрахим Ругова, а за подоцна е најавена и посета на меморијалниот комплекс во чест на основачот на Ослободителната војска на Косово, Адем Јашари.