Хоти: Во Вашингтон одиме за конечен договор со Србија, опозицијата да се вклучи во тимот за преговори

51

Косовскиот премиер Авдулах Хоти побара од двете најголеми опозициски партии, Движењето самоопределување (ВВ) и Демократската партија на Косово (ПДК), да именуваат свои претставници во тимот што ќе го претставува Косово на новата рунда преговори со Србија, што на 4 септември треба да се одржи во Вашингтон, јави дописникот на МИА од Приштина.

На денешната прес-конференција, Хоти рече дека преговорите во Белата куќа, кои ги организира специјалниот пратеник на американскиот претседател Доналд Трамп за косовско-српскиот дијалог, амбасадорот Ричард Гренел, се со цел да се постигне конечно решение за споровите со Србија, а со тоа Приштина подразбира меѓусебно признавање на двете држави.

Според косовскиот премиер, партнерите во владината коалиција, која ја сочинуваат неговиот Демократски сојуз на Косово (ЛДК), Алијансата за иднината на Косово (ААК) на Рамуш Харадинај и Социјалдемократската иницијатива (Нисма) на Фатмир Лимај, се согласни околу таа конечна цел на преговорите со Србија.

Тој информира и дека утре во Брисел ќе се одржи нова рунда преговори меѓу Приштина и Белград на експертско ниво, а на неа ќе се расправа за економски прашања, додека преговорите во Вашингтон се „за меѓусебно признавање, со цел нормализирање на односите меѓу двете држави“.

Имаме општа согласност и со коалиционите партнери во Владата дека дијалогот ние го водиме за меѓусебно признавање, со цел нормализирање на односите меѓу двете држави. Утрешните дискусии кои ќе се водат во Брисел се дел од финалниот договор за меѓусебно признавање, кој го вклучува претходниот состанок за прашањето на исчезнатите лица (од војната во 1998-99 година), додека утре ќе се разгледуваат прашања од областа на економската соработка, изјави Хоти.

Тој кажа дека се уште не ја формирал делегацијата која ќе го претставува Косово на преговорите што ќе се одржат во Белата Куќа, но нагласи дека таа ќе биде сеопфатна.

Сега ја финализираме делегацијата, која ќе ја предводам јас, согласно Уставот на Косово. Ќе бидат опфатени сите, без исклучок, изјави Хоти.

Тој информира дека денеска упатил писмо до опозициските ВВ и ПДК, со барање да ги назначат нивните претставници во тимот и да земат активно учество во преговорите.

Отворен сум за тоа да формираме сеопфатна екипа, која ќе ја сочинуваат сите политички сили, порача Хоти.

Според најавите, на новата рунда преговори во Белата куќа меѓу Приштина и Белград, кои ќе ги предводат косовскиот премиер Хоти и Српскиот престедател Александар Вучиќ, можно е да учествува и лично американскиот претседател Трамп.

Извор:МИА