Хотелите и зградите во Маџир Маало да се „облечат“ со зеленило, да се врати и “Кино џабе”  

426

Архитектот Иван Стојковски со идеи како најстарото скоско маало да стане зелен остров на град Скопје. – Со планот Маџир Маало 2, покрај постојните хотели и хостели, е предвидено да се изградат и нови хотели покрај Вардар, но и внатре во маалото. Како архитект сметам дека маалото мора да се урбанизира и ако се предвидува да се градат хотели и станбени згради, истите да се „облечат“ со зеленило. Предлагам да се засадат „ползавци“ кои ќе се искачуваат по фасадите на објектите од кои ќе се гледаат само прозорците и вратите. Предлагам објектите да се градат со рамни покриви за да по примерот на зелениот кров на ГТЦ, се направат зелени тераси кои ќе го ладат просторот, вели за весникот ВЕЧЕР, Иван Стојковски, архитект во пензија, инаку меѓу маџирмаалчани познат како чичко Ване

Маџир Маало да стане зелен остров на главниот град. Ова го предлага архитектот во пензија Иван Стојковски, познат меѓу маџирмаалчани како чичко Ване. Тој смета дека содржините што се предвидени во предлог-плановите Маџир Маало 1 и особено Маџир Маало 2, меѓу кои и изградба на пет хотели до кејот на Вардар, треба да се дополнат, со цел просторот да се оплемени и зазелени за да ова познато маало во кое сè уште се живее маалски живот и покрај тоа што е влезена урбанизацијата, не смее да стане бетонска џунгла.

– Со планот Маџир Маало 2, покрај постојните хотели и хостели, е предвидено да се изградат и нови хотели покрај Вардар, но и внатре во маалото. Како архитект сметам дека маалото мора да се урбанизира и ако се предвидува да се градат хотели и станбени згради, истите да се „облечат“ со зеленило. Предлагам да се засадат „ползавци“ кои ќе се искачуваат по фасадите на објектите од кои ќе се гледаат само прозорците и вратите. Предлагам објектите да се градат со рамни покриви за да по примерот на зелениот кров на ГТЦ, се направат зелени тераси кои ќе го ладат просторот. Исто така, на покривите да се постават соларни панели со што објектите ќе имаат заштеда на електрична енергија – вели чичко Ване.

                            „Кино џабе“ во Маџир Маало

Тој е горд што успеале во Предлог-планот за Маџир Маало 2 да ги задржат старите улици. Предлага улицата „Ѓуро Ѓоновиќ“ која минува низ средината на Маџир Маало да си го врати стариот сјај со дуќани и локали.

– Порано од двете страни на улицата имаше 120 дуќани – од кондураџии, млекари, шнајдери, гранапи, точкари. Имаше берберница, две-три фурни и две слаткарници, „Пилот“ и „Градец“. Фурните беа на дрва и ред се чекаше да се купи леб. Фурните еднаш се палеа и еднаш се печеше леб, ако не се снабдиш навреме, ќе мораш да одиш на друго место да си купиш. По улицата се продаваше боза и матеница, одеше човек со канта и на цел глас викаше „тазе бозааа“. Гранапите беа полни со производи и од таму се снабдуваа маџирмаалци, но и си муабетеа и на лице место се дознаваше кој ќе прави свадба, кој починал, се кажуваа мајтапи. Сепак, точкарите ни беа најомилени. Во тоа време да имаш точак беше вистинско богатство. За 5 динари ни дозволуваа со точак да свртиме по еден круг низ маалото. Автомобили немаше, оној кој имал се сметаше дека вози авион – раскажува чичко Ване. 

Вели дека е задржано зеленилото на местото на старото Домче. Таму порано маџирмаалци одржувале игранки.

– До 16 часот таму матинеа одржуваа помладите, а потоа до 8 или 9 навечер играа постарите. Ни свиреше групата „Бис-Бес“, тука е оформена и играорната група „Напредок“ (подоцна „Пралипе“) со Есма Реџепова која е родена маџирмаалка. Од пред 36 години тука ги организираме Маџирмаалските средби со палење на бадниковиот оган. Овде секојдневно се играат карти, табла и шах под импровизирана настрешница. Очекуваме општина Центар наскоро да ни отстапи дел од урбаната заедница која е во непосредна близина. Затоа сакаме овој простор да остане зелено место за продолжување на нашите активности – кажува Стојковски.

Тој предлага неурбанизираниот простор позади автобуската постојка на булеварот „Кузман Јосифовски-Питу“ (спроти Народна банка) да стане кино на отворено, по примерот на познатото „кино џабе“ кое во минатото постоело во дворот на Офицерскиот дом.

– Во дворот на Офицерскиот дом имавме „кино џабе“. Така го викавме бидејќи на огромно платно секоја вечер се прожектираа филмови. Луѓето си носеа клупи или столчиња за седење и гледаа филм без пари. За разлика од затворените кина „Култура“, „Вардар“, „Плоштад Слобода“ и „Напредок“, каде требаше да бидеш дотеран и да се испотепаш за да купиш билет, во „кино џабе“ имавме голема слобода. Седнати во тренерки, милина ни беше затоа што можевме да грицкаме семки и да пушиме цигари. А и корзото ни беше во близина, па ако сакаш да прошеташ, го оставаш столчето некој да ти го причува – со смеа и носталгија раскажува чичко Ване и додава дека поради тоа сака да го преслика „кино џабе“ во Маџир Маало со разноразни информации.   

Покрај Вардар има зелен појас со простор за шетање и игралиште за кошарка и амла фудбал. Чичко Ване предлага просторот да се прошири со тениско игралиште и отворен базен. Раклите што се гледаат од стариот железен мост да се искористат за поставување на трамбулина од која ќе може да се скока во базенот, но и за игротека.

Жителите не сакаат Маџир Маало да стане Лас Вегас

Маџир Маало 2 од запад е затворен со улицата „Крушевска република“ која, според Генералниот урбанистички план на Град Скопје треба да прерасне во подземен булевар со ширина од 60 метри. Како подземен булевар треба да поминува и под реката Вардар и да излезе кај Крњево на сообраќајницата која оди кон Приштина и кон Белград. Планот јужно граничи со булеварот “Кузман Јосифовски – Питу“ и тој останува надземен како што е сега. Улицата „Борис Кидрич“ од исток го заобиколува Маџир Маало и преку мостот „Цар Самоил“ излегува кај Сајмиште.

Предлог-плановите Маџир Маало 1 и Маџир Маало 2 од 12 до 26 ноември се ставени на јавен увид, а завчера на презентацијата имаше жестока расправа.

Жителите тврдат дека на приватни парцели општината планира да се изградат пет хотели и гневни се бидејќи сметаат дека ќе се загуби автентичниот изглед на едно од најстарите маала во Скопје.

– На површина од 7 хектари вие изведувате до мостот и наваму пет хотели. Од другата страна не знам уште колку. Не смеете да правите Лас Вегас. Треба да ги удоволите потребите на граѓаните на Маџир Маало – рече еден од жителите на Маџир Маало.

Дел од жителите се заканија и со кривични пријави до општината и до проектантите на предлог-плановите.

– Ако не се вратите на старите решенија ќе направиме мегаскандал. Сите ќе одговарате, до еден. Секој кој ова го предложил ќе одговора кривично – се заканија тие.

Општинските власти на жителите им објаснија дека планот е проектиран согласно Генералниот урбанистички план и побараа од нив да поднесат анкетни листови каде ќе наведат дека не сакаат на овие парцели да се градат хотели.

– Во анкетните листови ќе напишете за ние како општина кога сме повикани како општина за Генерален план да зборувам, да имаме основ што да однесеме и да кажеме жителите овде не ја сакаат намената „Б“ што ја предвидувате. Ќе ги имаме сите ние документи кај нас и јас лично кажувам дека ќе ги доставиме до градот –  рече Билјана Наскова од сектор за урбанизам на општина Центар.

(С.Бл.) – Фото: Н. Батев