Хорор филмот „Нема да бидеш сама“ (You Won’t Be Alone) на Горан Столевски е „магична приказна за вештерка која го менува телото и која го открива животот, љубовта и смртта преку телата на другите. Филмот е прекрасно направено и трогателено истражување за тоа што значи да се биде човек“. Со овие зборови во рецензијата во британскиот „Гардијан“ беше опишано најновото остварување на македонскиот режисер Горан Столевски кое премиерно на 23 јануари се прикажа на годинешниот Филмскиот фестивал „Санденс“ којшто се одржува онлајн од 20 до 30 јануари.

Филмот, којшто е во австралиска продукција, се прикажува во рамки на официјалната селекција на фестивалот кој, како што е познато, е основан од познатиот актер Роберт Редфорд и се одржува во Јута, САД. Станува збор за хорор сместен во изолирано македонско планинско село, а приказната што се одвива во 19 век прикажува девојче кое е украдено од својата мајка и претворено во вештерка.

Шведската актерка Нуми Рапејс (Noomi Rapace) позната по филмовите „Девојката со тетоважа на змеј“ и „Прометеј“ ја толкува главната улога во филмот, а во него се појавуваат и македонските актерки Сара Климоска, Ирена Ристиќ и Верица Недеска.

„Во 19 век во Македонија, вештерка лута по ридовите. Таа е грозна предупредувачка приказна раскажана на децата, наречена волкјадачка. Но еден ден таа ѝ се појавува на млада мајка во изолирана куќа. Таа лебди над бебето, жедна е за свежа крв. Мајката моли за договор. Ако вештерката се врати кога нејзината ќерка ќе има 16 години, тогаш може да ја земе. Вештерката се согласува, но во знак на нивната зделка го пресекува јазикот на бебето, што ја прави неспособна за говор“, вака започнува рецензијата на „Гардијан“ во која се истакнува и дека вештерката го прави детето бесмртно и му дава способност да го менува изгледот во други лица. „Така започнува приказната за живот во телата на другите“, се вели во рецензијата.

Во неа се посочува и дека Столевски, во филм кој помалку изгледа како дебитантен, а повеќе како ремек-дело, наоѓа генијален начин да направи длабински набљудувања за полот, родот и битието.

„Како автор, тој е способен за извонреден увид и емпатија, прикажани најефективно во доцното откривање на ужасната приказна за јадачката на волци, жена уништена од машките очекувања и расудувања. Неговиот филм си игра со фантазија и ужасен телесен хорор (се прикажуваат многу искинати утроби), но тој на крајот создал нешто неопределено, и тоа на сјаен начин, како нешто што досега не сме виделе и веројатно нема да видиме повторно“, пишува „Гардијан“ додавајќи дека филмот во кината се очекува од 1 април.

Инаку, „Нема да бидеш сама“ е дебитантски долгометражен филм на македонскиот режисер кој живее и работи во Австралија и со него Столевски по вторпат влезе во номинациите на престижниот Санденс фестивал. Тој на Санденс за првпат се претстави со македонскиот краткометражен филм „Види ја ти неа“ кој во 2018 година победи во категоријата најдобар интернационален филм за кратки филмови.